Во сезоната на свадбени и други семејни свечености која веќе започна во Полошкиот регион и која наскоро уште повеќе ќе се интензивира, последниве години честа мета на крадците се куќи и станови на оние кои прославуваат и кои поради тоа, повеќе или помалку, отсуствуваат од домовите, како и на оние кои заминуваат на летен одмор.
Нивното отсуство, вешто и досетливо го користат поединци, кои влегуваат преку незаклучени врати или незатворени прозорци, ги пребаруваат просториите и одземаат педмети, најчесто златен накит или пари.
Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до оние кои летово организираат или непосредно како гости учествуваат на свадбени или други свечености, задолжително да ги заклучуваат влезните врати и да не ги оставаат отворени прозорците. Истото се однесува и за оние кои заминуваат на летен одмор.
До граѓаните се апелира, исто така, доколку забележат непознати, сомнителни лица во близина на куќите или становите, веднаш да ги пријават во најблиското полициско одделение или станица на бесплатниот телефонски број 192, со што во голема мерка ќе им помогнат на полициските службеници за нивно ефикасно идентификување, лишување од слобода и расчистување на таквиот вид имотни деликти.
Секторот за внатрешни работи Тетово со совет до граѓаните кои имаат можност да набават и постават соодветна алармна или друга видео опрема, да го сторат тоа, со што непосредно ќе придонесат за поефикасна заштита на куќите и становите и тогаш кога тие не се во нив.