На прес-конференција претседателот на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, Ангел Карапетров реагираше на долготрајната сиатуација при која монтажните бараки кои треба да служат како модуларна болница, иако поставени кон крајот на јануари, се уште не е во функција.
-Пуштањето во употреба на оваа модуларна болница според најавите на власта требаше да се случи кон крајот на месец февруари, но, како и се останато, започнато и недовршено, планирано-нереализирано или накратко, поради неспособноста на власта (и централна и локална), се доцни со пуштањето во употреба. Во овој момент, кога здравјето на граѓаните треба да биде приоритет, во моменти на пандемија, власта ги троши народните пари, а резултати нема во ниту едно поле, вклучувајќи го и здравството. Најпрвин, слушнавме дека сите четири надлежни институции за пуштање во употреба на модуларната болница во Тетово (Клиничка болница, општината, министерството за здравство и изведувачот) ја завршиле својата работа, но, цело време си ја префрлаат вината еден на друг. Какo наводна причина за нефукционалноста на објектот се наведуваат незавршените обврски на една или друга институција, за на крај да слушнеме дека се утврдени грешки во градежната работа и дека објектот не е поврзан со централниот систем за снабдување на кислород, вели Ангел Карапетров.
Тој потенцира дека во време на за борба за секој човечки живот при пандемија неприфатливо е префрлување на вината помеѓу институциите.
-Во време кога се бара кревет повеќе со цел да се спаси макар и еден човечки живот повеќе, институците решиле дека поприоритетно е да си ја префрлаат вината, отколку вистински да се зафатат со работа и да го решат овој проблем. Пет и пол години една шајка не ставивте и сега кога треба вистински да се направи нешто за да се помогне на народот и таа шајка вие криво ја заковавте. За ваквата негрижа, еден ден ќе мора да има одговорност. Никој и ништо не може да ве спаси од фактот дека уништивте цели семејства, одзедовте туѓи животи и расипавте многу судбини. Спремете се за македонската пролет, одговорноста за вашите злодела наскоро доаѓа, истакна Ангел Карапетров.