Нема да има пазарен ден во четврток одлучи кризниот штаб при општина Тетово на денешниот втор состанок. Целта е да се намали ризикот од пренесување на корона вирусот, посочи градонаначалничката на Тетово, Теута Арифи.
-Одлучивме четвртокот како пазарен ден да не се одржи во Тетово. Сите пазари отворени и затворени тој ден нема да работат. Ќе бидат активни нашите комунални инспекции, побаравме поддршка од Државниот пазарен инспекторат, исто така и од полиција за да се одржи четвртокот како ден, имајќи во предвид фактот дека на тој начин ќе го намалиме дотокот на луѓе кои се собираат на тие места, изјави Теута Арифи.
Тетовската градоначалничка побара од граѓаните минимално да излегуваат од дома.
– Сакам да побарам минимизирање на непотребните излегувања од дома, што помалку излегуваме апсолутно повеќе овозможуваме овој процес помалку да се прошири. Не треба да правиме паника но апсолутно треба да внимаваме многу. Целата оваа состојба бара сериозност од сите нас како граѓани. Затоа благодарам на граѓаните што повеќе би останале дома и помалку ги користат улиците на градот, изјави градоначалничката Теута Арифи.
А.С