Во просториите на планинарскиот клуб Љуботен во Тетово се чуваат десетици предмети стари и по 100-тина години кои претставуваат спомен за почетоците на планинарството и скијањето во градот, Шар Планина и воопшто во Македонија. Големиот број предмети се основа за размислување во клубот да се направи и планинарско-скијачки музеј со цел автентично чување на овие предмети со особено историско, општествено и културолошко наследство и богатство.
Првите рачно изработени скии во Тетово од Никола Николовски-Коларот во 1931 година е најстариот предмет што го има во планинарскиот клуб Љуботен, а поврзани со минатото на скијањето и планинарењето. Постојат и голем број други скии рачно изработени во 30-тите години на минатиот век, првата туристичка брошура за Шар Планина од 1938, дрезги за планинско искачување од 1940, АКИ-чамец за извлекување повредени од планина од 1947 година,првиот пехар од Шарпланинскиот куп, ранци и планинарски чевли од 1950 година. Има новински исечоци и фотографии од отворањето на првиот планинарски дом „Попова Шапка“ на 11 ноември 1934 година.
Претседателот на клубот Јован Божиновски има собрано голем дел од предметите. Тој потенцира дека важно е што и голем број семејства од Тетово помогнале со тоа што ги дале предметите на чување во ПК Љуботен.
-Летово бев бев во куќата на Никола Николоски Коларот, примен од неговиот син, Жико. Веќе неколку пати сум бил во тој дом, уште и додека чичко Никола беше жив, од него лично ги имаме добиено и тие први рачно изработено скии. Неговиот син ми даде фотографија од почетоците на скијањето. Тоа е дом на едно доста значајно и вредно семејство. По семејно “звање” Колар, Никола ја познавал работата со дрвото. Кој е тој ентизијазам и желба кој во 1930 година на само 17 годишна возраст ќе те натера, рачно да изработиш скии. Да, ги направил првите скии, направил и за своите другари, Флејта и Мошо. Сам го измислил “кривиот Струг”, алатка да ги изработи скиите, по терк на купечките, фабричкии произведени скии, вели Божиновски.
Голема оставштина се бележи и од семејството на Мирчо Савовски, доктор по науки, долгогодишен професор на Факултетот за физичка култура. Бил претседател на скијачкиот сојуз на Македонија во Југославија и има голема поврзаност со планинарењто и скијањето. Тој е автор на студијата која нуди и решение на Попова Шапка да има место за 100 илјади скијачи во еден момент, а воедно да бидат задоволени сите пропратни инфраструктурни елементи.
-Од семејството на Савовски добивме 200 предмети голем број студии, документи, фотографии, признанија, книги, значки. Има многу литература, книги, студии, но и дипломски, магитерски и докторски научни трудови потоа кореспонденција со писма на македонски скијачки сојуз со останатите сојузи низ Југославија. Тоа се значајни податоци за кои се нема веќе живи луѓе да ги кажуваат. А со овие трудови и писма имаме многу информации за органзација на скијање, унапредување и развој на спортот и слична тематика, вели Божиновски.
Бранислав Светозаревиќ од Тетово е член на Љуботен, а како доктор по историски науки и долгогодишен раководител на Архивот на Македонија ја потенцира важноста за зачувување на историското минато преку предметите и документите кои ги има ПК Љуботен. Со нив се дознава како започнало скијањето и планинарењето на Шар Планина, но воопшто и овие спортови во Македонија. Воедно со исторките предмети се зачуваат и спомените на луѓето кои со својот придонес, залагање и направиме основа за она што денес го имаме како оставштина, традиција, потенцира тој.
-Предметите се непосредните докази и непосредните врски со нивните создавачи и корисници изминатите децении наназад. Тоа се предмети кои нашите најстари членови на клубот ги користеле и со нив ја создавале историјата на спортот во Македонија. Благодарејќи на донациите на нивните семејства клубот денеска грижливо ги чува овие предмети. Секој од нив раскажува посебна приказна, а нивната патина не посетува дека ние не сме оние кои нешто први сме измислиле, не постетуваат дека сме должни да го продолжиме патот на нашите претходници и секкако да ги чуваме овие предмети за иднината, вели Светозаревиќ.
Дел од фотографиите и документите се чуваат во специјализирани професионални колекционерски албуми чиј материјал е создаден и со намера да биде заштита за хартијата. Сите предмети и запишани под реден број на инвентар на име на библиотектаа на планинарскиот клуб Љуботен од Тетово.
Александар Самарџиев