По 29-ти пат во недела 20 септември ќе се одржи годинешното издание на фестивалот на хорска музика Тетовски хорски одѕиви (ТЕХО), соопштија денес на прес-конференција организаторите. Ова издание на ТЕХО претставува меѓународен хорски фестивал на православна духовна музика и ќе се одржи во духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ во Лешочкиот манастирски комплекс.
-Поради коронавирусот редовниот термин од јуни го одложивме за сега во септември. Успеваме во согланост со хоровите да се усогласиме за настапи според протоколите тука во духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ во Лешок. Новина оваа година ќе биде тоа што учесницте од Македонија ќе настапат во живо тука, додека хоровите од Албанија, Бугарија, Србија и Косово ќе бидат застапени онлајн преку видео врска. Така ќе го одржиме меѓународниот карактер на фестивалот и да покажеме дека нема граници на хорската музика, Ивица Зориќ, претседател на ТЕХО и диригент на хорот „Менада“.
Во недела фестивалот започнува во 13 часот со првиот концерт на детскиот хор „Свети Кирил и Методиј“ од Велес. Потоа настапува преку видео врска мешаниот хор „Сипарантум“ од Пеќ, Косово. Следува настапот на професионалниот хор „Про арс“ од Скопје.
-Програмата продолжува со вечерни настапи. Од 18 часот ќе настапува градскиот мешан хор „Вокс Лихнидос“ од Охрид, академскиот хор „СКЦ Универзитет“ од Ниш, Србија преку видео, нашиот градски женски младински хор „Менада“, хорот Розафа Експресион од Скадар, Албанија и мешаниот камерен хор „Рождество на Пресвета Богородица“ од Скопје, истакна Ивица Зориќ.
Како дел од манифестацијата ќе биде и изложбата на ликовно дела насловена „ Во Слава на Бога“ создадени од 12 деца од 7 до 14 години во рамки на ликовната работилница предводена од Славчо Максимовски. Исто така и театарската монодрама „Чај со рум“ на отворено во предворјето на црквата Света Богородица во Лешочкиот манастирски комплекс од 19.30 часот.
Фестивалот ТЕХО за прв пат се одржал 1973 година и се одржуваа на секои две години. Од 2012 започнаа и фестивали на православна музика.
А.С