Кризниот штаб при општина Тетово кој денес имаше состанок информираше дека во моментот 45 лица од регионот се на болничко лекување на Ковид-19 во Клиничка болница Тетово. Исто така соопштуваат дека има уште слободни места, но без податок за колку кревети станува збор.
-Во Клиничката болница во Тетово, 45 лица се хоспитализирани на инфективното одделение, главно со симптоми и во сериозна здравствена состојба и се на кислородна поддршка. Како што информираат здравствените власти на централно ниво, состојбата со Ковид-19 е критична, иако Клиничкиот центар во Тетово во моментов сè уште е со доволен капацитет во однос на болнички кревети и здравствен персонал за да ги опслужи пациентите со тешка и критична клиничка слика, изјави градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
Заклучно со вчерашните податоци, 95 нови и вкупно 981 заболен, тетовскиот регион се приближува до над 1000 активни болни лица.
-Останува проблемот со организирање семејни собири и забави во затворено кој влијае на влошување на епидемиолошката состојба во земјата. Апелираме до граѓаните да бидат одговорни и свесни за сериозноста на состојбата во која се наоѓаме, мерките и ограничувањата од надлежните органи строго да се почитуваат, бидејќи во спротивно органите на прогонот ќе постапат со нулта толеранција, казнувајќи ги во согласност со законот сите прекршители и граѓаните кои постапуваат спротивно на пандемиските мерки и протоколи. Исто така, бараме од лекарите да престанат со домашни посети, бидејќи ваквата акција е извор на инфекција и значително ја влошува епидемиолошката состојба во општина Тетово и пошироко, потенцира Теута Арифи.
Во градинките, основните и средните училишта во општина Тетово со Ковид-19 се дијагностицирани вкупно 39 лица.
А.С