Во салата на Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“, кој се наоѓа во комплексот на манастирот свети Атанасиј во село Лешок, од 6-8 мај оваа година по втор пат се одржа „Лешочкиот камерен фестивал“.
Првата фестивалска вечер започна со настап на младите Богдана Бушевска (флејта) во пијано придружба на Горјана Стојановска.
Богдана Бушевска е родена во Тетово, но овој пат за овој концерт таа допатува од Париз каде што се наоѓа на специјализација. Патот до Париз ја води преку ДМУ „Тодор Скаловски – Тетоец“ каде го завршува основното и средното образование. По завршувањето е прогласена за најуспешна средношколка во општина Тетово, за што добива плакета и признание за постигнатите резултати во образованието и дадениот придонес за афирмација на градот. Во 2017 година дипломира на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во Скопје во класата на проф. М-р Страшо Темков. Во текот на школувањето освојува високи награди на државни и меѓународни натпревари. Лауреат е на меѓународниот натпревар „Езерски бисери’ и на фондацијата „Томислав Зографски“.
Во 2017 година по успешно положената аудиција станува редовен надворешен соработник во групата флејти на Македонската филхармонија. Истата година настапува и како солист со филхармонијата, а две години по ред е солист на ансамблот „Орфеј“ во Бугарија. Во 2018 година Бушевска е македонски претставник во Финалето на Европскиот натпревар за класична музика на кој се натпреваруваат музичари од 17 Европски земји. Настапува на фестивалите Скопско и Охридско лето, на фестивалот „Златна лира“ и на јубилејните концерти посветени на македонските композитори (Ристо Аврамовски, Стојан Стојков, Тома Манчев). Пет години членува во квартетот флејти „Аулос“, а во 2020 настапува на гала концерт на Руската амбасада во Франција.
Од 2019 Богдана Бушевска се сели во Париз откако добива стипендија за една од најпрестижните музички школи во Европа Ecole Normale de Musique de Paris „Alfred Cortot“ каде студира под менторство на проф. Михи Ким. Во 2020 година, покрај студиите на споменатата академија, започнува специјализирани студии за пиколо во класата на Ан-Софи Невес во Конзерваториумот „Моцарт“.
м-р Горјана Стојановска е родена во Битола ка де го завршува основното и средно образование. На Факултетот за музичка уметност при Уким во Скопје првите две години е во класата на проф. Борис Романов, а дипломира во класата на проф. Д-р Марија Ѓошевска. Магистерските студии ги завршува во Скопје, а специјализира на академијата Talent Music Master во Италија. Настапува како концертен пијанист и е добитник на многубројни високи награди во земјава и во странство. Има остварено повеќе солистички концерти меѓу кои се издвојува солистичкиот концерт во Македонската филхармонија. Низ годините на школувањето добитник е на голем број високи награди, неколку специјални награди со освоени максимум 100 поени како и Гран при и EMCY награда на државниот натпревар по пијано 2013 година во Скопје.
Преку изборот на програмата со која Бушевска се претстави на првата фестивалска вечер во Лешок, таа направи мал историски времеплов на делата пишувани за флејтата. Настапот започна со Сонатата во а-мол во три става за соло флејта напишана од германскиот композитор Карл Филип Емануел Бах (1714-1788), еден од синовите на големиот Јохан Себастијан Бах. Лично сметам дека токму изведбата на оваа композиција претставуваше убав вовед не само на вечерта туку и на целиот фестивал. Звукот на соло флејтата што се разлеа во салата дадоа особена магија на просторот, за што најзаслужна е Богдана Бушевска која со својата чиста интонација нé врати во времето на раниот класицизам, во историјата на музиката познат како рококо.
Германскиот композитор Лудвиг ван Бетовен (1770-1827), кај пошироката публиката повеќе познат како композитор на симфонии и сонати за пијано, изведбата на Серенадата за флејта и пијано претставуваше убава прилика да се запознае неговиот опус на дела за камерно музицирање. Серенадата во оригинал е напишана за флејта, виолина и виола, но во оваа прилика се изведе во аранжман за флејта и пијано, каде дојде до израз музикалноста и виртуозноста на солистот и пијано придружбата како и флуидот помеѓу двете интерпретаторки што е од особена важност кога станува збор за камерното музицирање.
Сонатата во три става од францускиот композитор Франсис Пуленк (1899-1963) се вбројува во една од неговите најбрилијантни дела за флејта, каде техничките проблеми се подеднакво поделени помеѓу флејтата и пијаното. Публиката, која ја исполни салата во голем број, со особено внимание го проследи ова дело кое беше изведено мошне течно и грациозно.
Со особена топлина на звукот на флејтата прозвуче прекрасната композиција „Дојранка“ на Трајко Прокопиев (1909-1979), претставник на првата генерација повоени македонски композитори. Таа е една од композициите (во која би ја вброила и композицијата за хор „Тешкото“ од Тодор Скаловски) која во себе го носи она исконско битие на македонскиот народ. Тоа Богдана Бушевска на својата флејта успеа мошне емотивно да го пренесе и да допре до срцата и чувствата на присутните. Публиката не остана рамнодушна кон тоа и ја испрати од подиумот со долг аплауз по што таа изведе еден фрагмент од истата композиција.
Концертниот подиум на втората фестивалска вечер беше одстапен на младите (и двете родени 2001 година) надежи на македонската музика – Ангела Николовска на пијано и Александра Кировска на гитара.
Организаторот, како искусни и докажани уметници и изведувачи, знаат колку се важни настапите за секој уметник, а со овој фестивал докажаа дека мислат и на младите и нивната афирмација и запознавање на публиката со младите надежи.
Во првиот дел настапи пијанистката Николовска, а во вториот гитаристката Кировска. Ангела Николовска е родена во Крива Паланка каде ги има првите часови по пијано, а потоа школувањето го продолжува во Скопје каде завршува основно и средно образование и денеска е студентка на втора година на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во Скопје во класата на проф. Катерина Костадиновска- Гелебешева. Досега има одржано неколку солистички концерти во Македонија и еден, 2021 во Рим, Италија. Учествува на државни и меѓународни натпревари каде освојува најчесто први награди. Според неа „ако навистина сакате да направите нешто, ќе најдете начин, време и со целото свое битие ќе целите кон истото“. Додава дека „љубовта кон тоа што го работиш и макотрпната работа, се клуч на успехот.“ Тоа се потврди и оваа вечер со изведбата на Прелудиумот и фугата бр. 17 BWV 862 WTC 1од германскиот композитор Јохан Себастијан Бах (1685-1750), Eтидата оп.33 бр. 7 од рускиот композитор Сергеј Рахмањинов (1873-1943), Импровизација во цис од македонскиот композитор Томислав Зографски (1933-2000) и Скерцото оп. 31 бр. 9 од полскиот композитор Фредерик Шопен (1810- 1849).
Александра Кировска потекнува од музичко семејство, што значи дека музиката е во нејзините гени бидејќи ннејзини родители се Љубиша Кировски и Маја Шутевска-Кировска. Таа во моментов е студент на втора година на Факултетот за музичка уметност и работи со професорите Дејан Лазаревски и Слободан Миливоевиќ. Учествува на државни и меѓународни натпревари од каде се враќа со високи награди, а воедно има богато и успешно концертно искуство во Македонија и пошироко. Во 2019 настапува во Clavierhouse во Њујорк.
Вечерашниот концерт Кировска го започна со изведба на три става – Прелудиум, Алеманда и Куранта од Свитата бр. 2 од германскиот композитор Јохан Себастија Бах.
Покрај изведувачка пракса Александра Кировска пишува и аранжмани за гитара, а од неодамна почнува да пишува свои композиции за гитара. За оваа прилика публиката уживаше во изведбата на ненадминливата композиција “Yesterday” од легендарните „Битлси“ но во аранжман на младата гитаристка.
Од богатата литература за гитара Александра Кировска за овој настап се определи да нѝ представи две композиции на композитори и гитаристи од американскиот континент. Од американскиот композитор и гитарист Ендрју Јорк (1958) ја изведе композицијата “In Sorrow`s Wake” , како и композицијата “Plainte” од бразилскиот композитор и гитарист Марио Переира (1950). И двете композиции во превод имаат слични наслови и се однесуваат на тагата, а звукот на гитарата е најсоодветен да го изрази тоа човеково чувство. Особено ако гитарата е во раце на изведувач со изразита музикалност, сензибилитет, имагинација и техничка подготвеност каква што поседува Александра Кировска.
Ангела Николовска и Александра Кировска нѝ ја представија својата младост, но во исто време и својата зрелост во она што досега го имаат постигнато. На нас останува да им посакаме во иднина да им посакаме уште поголеми успеси и остварување на своите соништа.
На третата, воедно и последна вечер на Вториот лешочки камерен фестивал кој се одржа од 6-8 мај 2022 година настапија Илза Бафтијари (виола) и Шкељзен Бафтијари (пијано).
Со нивното гостување е остварена една од целите на организаторите а тоа е промовирање на истакнати и млади музички уметници од Полошкиот регион. Во последната вечер настапија уметниците, сестрата и братот Илза и Шкељзен Бафтијари. И двајцата се родени во Тетово и веќе имаат одржано повеќе заеднички настапи.
Виолистката Илза Бафтијари музичкото образование го започнува и завршува во Скопје. Дипломира на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во Скопје во класата на проф. Фросина Балова. Станува збор за искусен уметник што се однесува до настапите во државата и надвор од неа, било како солист или член на помали и поголеми музички состави. Таа настапува и во камерни состави, а двапати како солист со Македонската филхармонија, потоа како солист со камерниот оркестар на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Италија и камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“. Настапувала како дел од неколку меѓународни оркестри, како што се “CEI Orchestra” и “Jugest Sinfonie Orchester” со настапи во Италија, Словенија, Австрија, Швајцарија, а веќе трета година е дел од германскиот оркестар “Manheimer Philharmoniker”,каде што настапува во најпрестижните сали во Европа, како што се “ElbPhilharmony” во Хамбург и “Queen Elizabeth Hall” во Антверп, како и со врвни солисти како што е Марта Аргерич. Осум години работела во оркестарот на Косовската филхармонија, а од 2020 е редовно вработена во Македонската филхармонија. Во 2021 година прославува пет години како член на оркестарот на Музичката младина на Македонија, а редовно снима филмска музика во оркестарот F.A.M.E.’S.
Шкељзен Бафтијари првиот контакт со пијаното го има во ДМУ „Тодор Скаловски-Тетоец“ во Тетово. Дипломирал со Кум Лауде на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во Скопје во класта на проф. Борис Романов, а постидпломските студии кај познатиот светски пијанист Симон Трпчески, исто така со Кум Лауде.
Добитник е на повеќе високи награди на домашни и меѓународни натпревари: Париз, Рим, Торино, Пловдив, Благоевград, Белград. Одржува солистички концерти, но има настапувано и како солист во London City Philharmonic, Македонската филхармонија, Симфонискиот оркестар на ФМУ, Косовската филхармонија, Симфонискиот оркестар на албанската РТВ. Настапувал на повеќе реномирани фестивали како Охридско лето, Есенски музички свечености, Скопско лето, Денови на македонската музика, Шопен пијано фест, Косова камерфест, Сцена на албанската сериозна музика и др.
Својот настап пред публиката на Вториот лешочки камерен фестивал го започнаа со Арпеѓионе сонатата за виола и пијано во три става од австрискиот композитор Франц Шуберт (1797-1828). Сонатата започнува со впечатлива мелодија, но во трите става се менуваат бласкави пасуси кои носат меланхолични, но и трогателни чувства.
Истата бравурозност со која беше изведена првата композиција, Илза и Шкељзен Бафтијари ја покажаа и во изведбата на Сонатата за виола од рускиот композитор Михаил Глинка (1804-1857) кој се смета за еден од основачите на руската класична музика. Музиката во сонатата на моменти е лирска, смирена, со извонредна длабочина на музичките мисли, но со чести драматични и бурни промени. Партитурата бара подеднакво технички висока подготвеност како кај виолата така и кај пијаното.
Концертот заврши су уште едно виртуозно дело, а тоа е Скерцото од германскиот романтичар Јоханес Брамс (1833-1897). Третото дело на овој концерт изгледаше како трет став, како една завршница на сé она што го слушнавме таа вечер. Публиката имаше можност да ужива во особениот звук на виолата, на усогласениот дијалог помеѓу виолата и пијаното како и на виртуозноста на двајцата уметници.
Со еден збор, концертот на Илза и Шкељзен Бафтијари претставуваше прекрасен завршеток на Вториот Лешочки камерен фестивал, со надеж дека истиот ќе прерасне во традицинален.