Носителката на кандидатската листа со пратеници од редовите на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата Обнова за Македонија, последната активност во текот на предизборната кампања ја имаше со посета на регионалната депонија Русино, место кое се очекува како долготрајно решение за управување со сметот во сите општини во тетовско и гостиварско. Таа посочи дека Обновата за се, па и за ваквите депонии доаѓа по 15 јули.
-Што можам да изјавам од пред депонијата Русино, освен дека е потенцијалниот Чернобил во Гостивар и пошироко. Велат дека е виновна само локалната или само централната власт или и двете заедно. Јас велам дека не треба да се заборави и факторот човек. Во овој случај факторот и жртвата се исти, а тоа е човекот.
Како носителка на листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “Обнова на Македонија”, во чија што програма една од шесте стратегиски определби е заштита и унапредување на животната средина, изјавувам дека итно ќе се зафатиме за решавање на прашањето на нерегулираните депонии, каква што е Русино, за жал.
Во првите 100 дена од формирањето на владата ќе следи и безусловна забрана на увоз на опасен отпад. Владата ќе изработи и методологија за поддршка на регионалните центри за управување со отпад, што предвидува поставување преработувачки центри за секундарна селекција и добивање енергија и биогориво, сето ова во соработка со планските региони и единиците на локалната самоуправа.
Клучниот збор лежи во соработката или поточно во немањето соработка изминативе години или децении. Имено, сдс може само да се потсети дека, освен протестите и ветувањата дека аерозагадувањето ќе се реши кога ВМРО-ДПМНЕ нема да биде власт, ништо друго не стори изминативе три години.
За разлика од нив, во време на владите на ВМРО-ДПМНЕ, се обезбедуваа средства за оваа и за останати теми од животната средина, но негде истите се реализираа од страна на локалните власти, а негде, за жал и се’уште, не. Така, ќе ги наведам: реализираната пречистителната станица за питка вода во Гостивср, 1.200.000 евра за водоводот во Тетово, 100 милиони денари за регулација на коритото на Вардар во Јегуновце, пречистителна станица во Теарце итн итн.
Конечно, единствен начин да се реши проблемот со Русино, е да се изгради посебен канал за испуштање и третирање на отпадните води од отпадот. Во меѓувреме, да се најде и соодветна локација за да се инвестира во постројки за рециклажа на отпадот од Русино.
Како што кажав претходно, за да се спроведе ова, потребно е поголемо залагање на централната власт (министерство за животна средина), но и соработка со локалната.
ВМРО-ДПМНЕ нема да го избегне овој акутен и сериозно опасен проблем за Гостивар и цела ИЕ6, туку активно и итно ќе се завземе за изнаоѓање решение на истиот. Обнова мора да има и за ова прашање. Таа доаѓа од 15-ти јули, истакна Дафина Стојаноска.