Општина Тетово одлучи да прогласи денови на жалост како и да одвои средства за хуманитарна помош по повод земјотресот во Албанија. Одлуките се донесоа на вонредна седница на Советот на општина Тетово.
-Прогласени се среда 27 и четврток 28 ноември како денови на жалост во општина Тетово во знак на солидарност со жртвите од земјотресот во Албанија. Исто така одлучивме да се одвојат еден милион и петстотини илјади денари како хуманитарна помош. Средствата ќе се донираат за градот Драч и населбата Тумана за справување со последиците од земјотресот. Финансиите се обезбедени од резервниот фонд на општина Тетово, информираше Беким Мемети, претседател на Советот на општина Тетово.
Исто така општина Тетово организира собирни пунктови за донација на помош која им е најпотребна на настраданите во најпогодените подрачја од земјотресот. Помошта може да се остави во Противпожарната единица во Тетово на улица „Индустриска“.
-Поради вонредната состојба, првото собирање на донациите ќе започне на 27.11.2019 година (среда) до 12:00 часот и истите веднаш ќе бидат испратени во Албанија. Со собирање на донациите ќе се продолжи и во втората смена и ќе трае до 18 часот, информираат од општина Тетово.
Настраданите во оваа природна катастрофа ќе имаат потреба од следниве производи:
– Шатори за привремено сместување со капацитет од 5-10 лица
– Комплети за прва помош
– Ќебиња
– вреќи за спиење / душеци
– Чаршафи и перници
– Прехранбени производи (брашно, масло, ориз, колачи, сол, шеќер, конзервирана храна, детергенти и средства за хигиена)
Се формираше и кризен штаб за транспорт на помошта собрана и наменета за погодените области.