Од 10 илјади денари пензија 2000 денари даваат за лекови, a останатотo за сметки. Пензионерите во Македонија гладуваат поради ваквата математика и немањето доволно пари за да купат храна чија цена секојдневно расте. Највозрасните македонски граѓани мака мачат секој месец како да преживеат.
– Викат, ако сум купил порано два литра млеко сега еден литар. Има пензионери кој што искрено кажано позајмуват. И се жали, вика да ми дадеш малку помош барем да вратим еден заем. А заем сум зел барем да се снабдувам со одредени артикли, вели Селвер Мемети, претседател на Здружение на пензионери Тетово.
Секојдневното зголемување на цените на храната најмногу ги мачи пензионерите. Многу тешко се справуваат, велат анкетираните пензионери.
-Никој досега и не обратил пажња на пензионерите. Цените растат, дали пензиите се покачени, минимална плата со 11 илјади дали некој може да излезе на крај. Еве ја лично 11 илјади имам пензија.
-Сите се жалат и тоа е. Цените на производите ? Високи. Каде е чарето? Ништо се крпат.
-Не работаат луѓето. Земјата ја оставија сите, за грев. Кога ќе дојдеше есен, полни им беа тракторите со свешто, а сега не работаа, спијат.
-Ние знаеме како се справуваме. Со 200 евра. 40 години сум работел. 200 евра пензија. И нека му мислат тие владателите.
-Пензиите се многу ниски, а сите артикли отидоа горе. Како се справуваат пензионерите ? Ништо крпат, ич не чини работата.
Големо е незадоволството кај пензионерите што општеството не најде начин повеќе да го вреднува деценискиот труд на овие поранешни работници.
-Владава за нас не е заинтересирана воопшто. Овде кога доаѓаат пред изборите ни доаѓаат сите партии, во нашето Здружение и сите ни ветат од земја до небо. А крајот ни е нула, вели Муадин Усеини од огранокот во Желино.
-Карактеристично е што градот наш Тетово е со работници, биле порано, сега се пензионери. Тетекс фабриката, Единство, Кожара, Медицинска пластика сите имале ниски примања. И кога излегле во пензија сите излегле со ниски пензии, вели Селвер Мемети.
Во Македонија има над 300 илјади пензионери, од кои половината земаат минимални износи. 90 илјади луѓе имаат пензија до 11.500 денари, а 70 илјади луѓе земаат до 14 илјади денари. Најниска просечна пензија е земјоделската 8.484 денари.
Александар Самарџиев за ТВ Алфа