Денот на ослободување на Тетово 19 Ноември одбележан со положување цвеќе пред Споменикот на Револуцијата. Цвеќе пред споменикот положија претставници на општинската организација на Сојузот на борци Тетово како и делегации на Армијата и политичките партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.


Сојузот на борци и понатаму не добива поддршка за организација на овој празник од Општина Тетово, која за општински празник го одбра 3 март, како ден кога се формирал првиот повеќе партиски совет.

-Ние го славевме како роденден на Тетово, со разни манифестации а во последно време политичките гарнитури мислам на градоначалникот и Советот на општина Тетово не се ангажирани да го обележат овој заеднички празник. Никаде и нема државно знаме, не му придаваат значење. Ние како општинска организација нема никогаш да го заборавиме овој празник, ќе го чествуваме во чест на сите загинати борци кои се бореа за слобода на Македонија, рече Димитриевски.
Организацијата веќе 14 години нема и поддршка од Општината да се постават бистите на народните херои на Тодор Ципоски Мерџан и Ѓоце Стојчески Амбарче кои во 2006 се отстранети при реконструкција на плоштадот.


-Горливо прашања, проблем кој не засега како Сојуз на борци и сите граѓани. Имаше повеќе состаноци со релевантни чинители како и каде да се постават бистите. Едни, велат да се стават во паркот кај споменикот на Ѓоце Стојчески Амбарче, други во дворот од Музејот на тетовски крај. Нема меѓусебна доверба и соработка да на еден свечен начин бистите на Тодор Ципоски Мерџан и Ѓоце Стојчески Амбарче да бидат поставени тука пред Споменикот на Револуцијата. Ние бараме да бидат на старото место на плоштад, сакаме тука да бидат на постамент, рече Димитриевски.
Поради пандемијата свеченоста „Тетовски јуриш кон вечноста“ која Сојузот лани ја востанови, година беше без јавен карактер со снимена и објавена пригодна програма.
А.С