Месната заедница, здружението на жители на Луковица и црковниот одбор започнаа иницијатива за изјаснување-анкета на мештаните дали сакаат самите да соберат пари за проектна документација за изградба на асфалтиран пат до селото. Овој потег се прави бидејќи се уште за да се стигне до Луковица треба да се помине пат од пет и пол километри кој нема асфалт и се поминува по чакал и песок. Поради дождовите во есенскиот дел патот уште повеќе се оштетува и е тежок за движење и со теренски возила.
-Општината не дава возила за санација. На 2 октомври на состанок во општината со градоначалникот на кој беа претстваници на црковен одбор, месна заедница и здружението со тој беше дециден дека нема пари за проектот и дека ако самите го финансираме потоа општината ќе аплицира за фондови за асфалтирање, изјави Миле Сибиновски, претседател на месната заедница и Здружението.
Изготвените се 100 анкетни листови кои ќе се поделат на луѓе кои имаат имоти во селото.
-Предвидено да се анкетираат 100 домаќинства да се изјаснат дали се за самофинансирање или не. Ако 75 проценти кажат дека се за, ќе се достават уплатници за да си платат на сметка на Здружението. Ако не тој пат ќе се остане како што беше досега. Предвидено е да се соберат по 3000 денари по семејство/домаќинство за проектот. Доколку се почне со собирање на средства очекуваме дека и од други луѓе ќе има донации, изјави Сибиновски.
До крај на месецот анкетата ќе се спроведува па ќе се одлучи што понатаму. Треба да се соберат 4800 евра за проектната документација.
-Проектна документација имаше направено 1989 година и чинеше 1500 германски марки, ама ништо не се направи. Исто имавме направено проект во 2000 за да се асфалтира ама поради ништо не се реализираше 2001 беше. Воедно тој проект од 2000 година не се прифаќа сега ради технички пропуст, нема податоци на ЦД податоци. Сега бараат повторно мерење и утврдување на траса, рече Сибиновски.
Околу 40-тина постојани жители има тетовското село Луковица кое е дел од општина Желино. За да се стигне до Тетово потребно е возење од околу еден час иако има триесетина километри. Од Тетово по автопатот во правец кон Скопје, па се излегува кај Групчин. Се продолжува по двонасочен рурален пат се до Мерово. Коловозна лента има до месноста „Крстец“ односно крстосница каде патот продолжува до Седларево или се оди лево до Луковица.
Од тука почнуваат шестте километри до Луковица, неасфалтираната делница која за да се помине со лека кола потребни се половина час и ограничено забрзување на возилото од само 10-15 километри на час за да се избегнат оштетувања. Поспорото управување со возилото е неопходно зошто се поминува земјен пат врз кој со години се истурал песок, а има и камења. Песокот се поставувал за да се пополнат дупките врз земјениот пат, но од тоа се добива ои контра-ефект односно опасност да се дупне гума од тркалата или поради поголемите камења да се оштети долниот дел од возилото.
Бидејќи Луковица е на 930 метри надморска височина има многу и нагорнина, многу таканаречени „Ѕ“ кривини поради што е потребна голема внимателност и умешност на управување со возило за да се избегне излетување во планинска провалија.
А.С