Факултетот за современи науки и технологии при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово денес ја одржа втората завршна изложба со дела од студентите по Архитектура и дизајн. Изложбата ја отвори проректорката за меѓународна соработка и истражување, проф. д-р Беса Арифи, која го пренесе и поздравот од ректорот акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети, кој поради други обврски не можеше да биде присутен на отворањето на оваа изложба.
-Денешната изложба покажува дека оваа година е многу успешна и креативна за студентите по архитектура и дизајн. Делата докажуваат дека студентите се многу свесни за минатото и подготвени за иднината. Се надеваме дека многу скоро ќе се гордееме со нив, нашите алумни од оваа студиска програма, кои со гордост ќе го носат логото на УЈИЕ “, рече во својот говор проректорката Арифи.
Со оваа изложба се комплетираше првата студиска година на студентите, кои, за разлика од изложбата од првиот семестар, веќе докажуваат посовршена изведба и нивните дела се изразени дури и во посложени макети.
-Првата изложба на студентите по Архитектура и дизајн се одржа во февруари годинава, каде што беа изложени делата од прв семестар, што претставуваше посебен успех, бидејќи за прв пат во Северна Македонија беше организирана ваква изложба, потенцираат од УЈИЕ.
Студентите по Архитектура и дизајн ги изложија своите дела на темите: дизајн, проектирање, студио и перспектива, визуелен израз.
А.С