Завршно обраќање на Фаница Николоска, кандидат за пратеник:
Би сакала во неколку реченици да ве потсетам на сè што беше кажано, а особено на сè што беше сторено во изминатиов период.
11 години власта во Македонија беше киднапирана од мафијашки режим кој владееше со страв, со принуда и во кој придобивки имаа само еден мал круг на луѓе и нивните послушници.
Осмислено ги запреа сите евроатлантски интеграции, нè скараа со соседите и нè изолираа од светот.
Со пропагандната машинерија наметнаа романтични национал-шовинистички идеи во кои најдоа бедно оправдување за најголемиот грабеж во македонската историја.
Според податоците на светските финансиски институции за време на тие 11 години од државата се изнесени над 7 милијарди евра. Тоа е повеќе од 4 илјади евра од секој жител, или над 15 илјади евра од секое четиричлено семејство.
Со притисоци и уцени им ги одзедоа на сопствениците најголемите приватни фирми, ја приватизираа и партизираа државата. Да не заборавиме дека без партиска книшка и списоци на сигурни гласачи беше невозможно де се вработите, да напредувате, академски да се образувате…
Кога успеавме да ги разобличиме и со судни маки конечно да ги симнеме од власт, затекнавме пустош.
Сè што беше правено беше само фасада за големиот грабеж. Стиропор наплаќан како мермер, фушерајски градби и патишта под секој инфраструктурен стандард. И сето тоа наплатено десетици пати над реалната вредност.
Погледнете ги денес нивните проекти и сè ќе ви стане јасно! Со украдените пари тие ја финансираат и оваа кампања во која на секој начин се обидуваат да ве убедат дека сме исти како нив. Сите нивни измислици, лаги и конструкции потекнуваат од нивното лично искуство.
Секако дека ќе нѝ треба уште време за да ја завршиме транзицијата од мафијашки режим во вистинска европска демократија. Режимот е сè уште присутен во сите институции на судството и администрацијата, кочничар е на сите реформи и очајно се бори да се врати на власт.
За само три години ви покажавме и ви докажавме дека сме чесни, работливи и успешни. Затоа со крената глава и чист образ го бараме вашиот глас. Само вашиот глас е единствениот начин да го испратиме ДПМНЕ со неговите сателити на единственото место на кое припаѓаат – темната страна на македонската историја.