Во десетте изминати месеци од 2020 година се евидентирани речиси 3000 интервенции околу подигање возила и казнување возачи за непрописно паркирање во Тетово, информираат тетовската полиција.
-Изминативе десет месеци биле откриени и законски санкционирани близу 3000 непрописно, односно погрешно паркирани возила, од кои 1853 биле и подигнати од тетовската „пајак-служба“. Подигнатите возила најдиректно го попречувале нормалното и безбедно движење на другите учесници во сообраќајот и пред се на пешаците.Станува збор за возила оставени на пешачки премини, во зона на крстосница, на тротоари, во зеленило и на други недозволени места, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Од полицијата велат дека важно е граѓаните во наредниот зимски период уште повеќе да бидат внимателни и да не го попречуваат сообраќајот.
-Претстојат зимски и снежни денови, кога ќе треба да се чистат сообраќајниците и кога секојдневно ќе биде неопходно да се овозможи непречено функционирање на зимската механизација. СВР Тетово уште еднаш апелира до возачите да ги паркираат нивните возила на наменски определените места, зашто во спротивно ќе се соочат со поднесоци и парични глоби кои се движат од 45 до 180 евра во денарска противвредност, зависно од тоа каде, односно на кое место е направен прекршокот, вели Јосифоски.
Сите прекршувања се евидентирани од Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај.
А.С