Минатиот месец на поширокото тетовско подрачје биле откриени и законски санкционирани вкупно 836 возачи кои ја пречекориле максимално дозволената, односно пропишана брзина, најмногу на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје.
На сите возачи-прекршители изготвени им се поднесоци и ќе се соочат со парични глоби кои за овој вид сообраќаен прекршок се движат од 45 до 400 евра во денарска противвредност, зависно од големината на пречекорувањето. Покрај тоа, екстремно брзите ги очекува и мерка-времено одземање на нивните возачи дозволи од три месеци до една година.
Во овој период, исто така, поради неприлагодена брзина според условите на патот регистрирани се 23 сообраќајни несреќи, претежно со посериозни последици, како и 16 излетувања од коловоз.
-Оттаму, Секторот за внатрешни работи Тетово повторно апелира до возачите да не возат пребрзо, зашто и условите за движење на возилата деновиве се значително отежнати, пред се поради влажните коловози, а и поради најавите дека претстојат и снежни денови, посебно ако се движат кон Маврово, Стража и Попова Шапка, порача портпаролот Марјан Јосифоски.