Со симболично учество на планинари поради состојбата со коронавирусот планинарскиот клуб „Тетекс“ од Тетово го изведе 29-тиот Меморијален марш Марко Илиевски. Оваа година меморијалниот марш се изведе по патеката долга 9 километри до врвот Плат на 2370 метри надморска височина.
-Традиционално, но денес поради настанатата состојба со корона вирусот оваа година решивме симболично и скромно да го одбележиме овој значаен марш на ПК Тетекс притоа почитувајќи ги протоколите за заштита. Маршот започна од Попова Шапка до Горна Лешница и врвот Плат и назад. Традицијата останува традиција и треба да се негува, истакна Снежана Новаковска, претседателка на клубот.
Во текот на летото традиционални предизвици организирани од ПК Тетекс се маршот до Караниколично езеро во јули и заедничкото организирање на летното искачување до Титов врв во август со планинарскиот клуб Јелак, чија реализација зависи од актуелната здравствена состојба.
А.С