За прв пат членовите на иницијативата „Тетово сака парк“ одржаа средба и разговараа со градоначалникот Биљал Касами за можностите за реализирање на идејата. Средба со градоначалникот е придвижување на идејата бидејќи има договор за нови заеднички чекори.
-По празниците ќе се направи стручна средба помеѓу стручни лица претставници на нашата иницијатива кои што имаат долго годишни искуства во планирање на просторот и стручните лица на општината кои се вработени и ангажирани како советници на градоначалникот за суштинска расправа за рамката за конкретно решение, изјави Даријан Сотировски од иницијативата.
Од „Тетово сака парк“ посочија дека на оваа средба биле посочени очекувањата на граѓаните Тетово да го добие својот прв градски парк. Според нив предлогот не е реализација на проект, туку отпочнување на процес, кој значи сеопфатно и темелно спроведување на различен тип постапки со цел создавање на услови за формирање на градски парк.
-Го потсетивме градоначалникот дека има ретка можеби и историска можност да биде градоначалник да запаметен по нешто добро изведено, изградено, вградено во градот. Дека направил некоја додадена вредност на овој град,а не бил еден од оние,а листата таму за жал е долга кои што во својот мандат му нанеле неповратни и непоправливи штети на градот, изјави Даријан Сотировски од „Тетово сака парк“
Градоначалникот Касами иако во изјавите за медиумите порано истакнуваше скептичност поради долговите на општината, побара да продолжат активностите околу оваа идеја за која смета дека има колективна важност.
-Идејата е одлична. Јас ги поздравувам, јас ги охрабрувам да продолжат, затоа што на Тетово му требаат такви иницијативи кои ќе се залагат за остварување на нашите заеднички права, јавни права кои ни недостасуваат во ова модерно време кога сите трчаме по нашите лични права по нашиот личен интерес. Треба да има такви иницијативи. Искрено разговаравме за сите можности и им ја укажав мојата заложба дека и нив и другите здруженија од јавниот сектор ќе ми бидат партнери во идното водење на Тетово, Тетово кое сите го сакаме, изјави Касами.
Тетово нема зелен простор поголем од еден хектар што е минимум за една површина да се нарече парк. Оваа иницијатива предлага пренамена на четири урбани блокови со намената Д- за зеленило и рекреација со што би се добиле максимални 16 хектари прв градски парк.
ас