Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ од Скопје спроведе мониторинг за постапување на надлежни регулаторни тела и институции по поднесоци од страна на потрошувачи во Северна Македонија со оглед на значењето на оваа област за граѓаните која воедно и е еден од предизвиците во евроинтегративниот процес. Се истражува како комуницираат институциите со граѓаните и дали се ефикасни постапките кога се поднесуваат поднесоци од потрошувачите, дали имаат соодветни можности за комуникација со граѓаните по електронски пат, а воедно да се оцени транспарентноста и подготвеноста за соработка на државните субјекти со граѓанските организации.
По мониторингот е изработен извештај во кој се потенцира дека прашањето на заштитата на потрошувачите кое се смета дека има големо значење во секое општество, па така и во Европската Унија (ЕУ), кон чија интеграција се стреми и нашата држава. Оттаму е потребно да има ефикасен механизам кој ќе одговори на потребите на секој граѓанин заинтересиран да консумира безбедна храна, да користи квалитетни услуги и во случај на спор или едноставно да има заштита на неговите потрошувачки права. За значењето на оваа област говори и податокот што во рамките на преговорите за ЕУ членство заштитата на потрошувачите и здравствената заштита се одвоени во посебно поглавје (поглавје 28).
„Република Северна Македонија како земја кандидат која ќе ги започне преговорите во текот на 2020 година, веќе подолг временски период е предмет на мониторинг и во областа на заштитата на потрошувачите. Во таа насока, Извештајот на ЕУ за прогресот на земјата за 2019 година констатираше серија предизвици во делот на заштитата на потрошувачите. Во овој извештај беше нагласено дека земјата е умерено подготвена во областа на заштитата на потрошувачите, а како потенцијални предизвици беа идентификувани: потребата од усогласување на правната рамка со acquis особено зајакнувањето на оперативните структури за заштита на потрошувачите, ограничените финансиски ресурси и теренски активности за заштита на потрошувачите, засилен надзор на пазарот во делот на безбедноста на производите, отсуство на веб-платформа и други современи комуникациски алатки за заштита на потрошувачите“, се наведува во Извештајот за мониторингот за постапување на надлежните регулаторни тела и институции по поднесоци од страна на потрошувачи во Северна Македонија.
Овој извештај за предмет го има постапувањето на вкупно седум надлежни регулаторни тела и институции за постапување по поднесоци од страна на потрошувачи и граѓани кога се загрозени нивните права : Агенција за електронски комуникации, Агенција за супервизија на осигурувањето, Aгенција за храна и ветеринарство, Државен пазарен инспекторат, Народна банка на Република Северна Македонија, Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги и Регулаторна комисија за домување. Тие субјекти биле избрани врз основа на фактот дека секоја од нив е надлежна за постапување на значителен спектар на односи во кои се опфатени потрошувачите.
„Намерата на мониторингот беше да се видат предностите и слабостите на секој од одделните субјекти и преку нивните позитивни искуства и практики, да се влијае на подобрување на слабостите на друг субјект, односно најдобрите практики да бидат пример за подобрување на работата и/или законската рамка која се однесува на друг субјект. За потребите на истражувањето беа подготвени 7 истражувачки алатки кои содржеа по дваесетина индикатори преку кои се обезбедија непосредни примарни податоци од страна на наведените субјекти преку користење на методолошките алатки барање за пристап до информации од јавен карактер“, се вели во Извештајот.
Исто така, за потребите на мониторинг извештајот беа анализирани 10 закони и годишните извештаи за работа на седумте институции за годините 2018 или 2019.
„Основна цел на ова истражување беше да се оцени ефикасноста на постапката за одлучување по поднесоци на потрошувачите. Во таа насока, преку дефинираните индикатори се изврши оцена на човечките капацитети со кои располагаат наведените субјекти, нивните образовни квалификации и нивните професионални квалификации. Исто така, анализирани беа и можностите и алатките кои им стојат на потрошувачите и граѓаните за поднесување на поднесоци и поведување на соодветните постапки. Посебен интерес беше да се утврди дали граѓаните може поднесоците да ги доставуваат електронски, дали може електронски да се информираат за текот на постапката и дали може електронски да се информираат за исходот на постапката. Тоа е особено важно во услови на дигитализација. Дополнителен значаен момент во ова истражување претставува и фактот дека истото се реализираше за време на пандемијата на вирусот КОВИД – 19, како и во услови на прогласена вонредна состојба во Република Северна Македонија. Се чини дека токму оваа новосоздадена состојба уште повеќе го поттикна интересот на јавноста и граѓаните за достапноста на електронските услуги на организациите и институциите, вклучувајќи и во областа на заштитата на потрошувачите. Преку соодветните индикатори намера беше и да се процени дали и колку надлежните регулаторни тела и институции им овозможуваат на граѓаните и потрошувачите да бидат запознаени со правилата и процедурите за отпочнување на постапка и поднесување на поднесок. Имајќи ги предвид и заклучоците од Извештајот на Европската комисија за прогресот на земјата, намерата беше и да се утврди, дали овие субјекти имаат претходно подготвени упатства и водичи, кои се јавно достапни, а во насока на запознавање на потрошувачите со нивните права во односните постапки. Овој индикатор беше дизајниран со претпоставка дека потрошувачите не поседуваат доволно правни познавања кои ќе им овозможат активно и ефикасно учество во односните постапки, потенцираат авторите на мониторингот од ИСИЕ.
Во извештајот се наведува дека повеќе граѓански организации спроведувале или спроведуваат мониторинг на овие тела, сите со различни капацитети, но досега не е спроведен мониторинг во однос на заштитата на правата на потрошувачите. Воедно со извештајот за мониторинг, се прави оценка на транспарентноста и подготвеноста за соработка на наведените субјекти со граѓанските организации.
„Во таа смисла подготвивме и краток тест на индикатори во делот на респонзивноста на овие тела, а поврзано со барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, кои ги доставивме до овие субјекти согласно со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Врз основа на респонзивноста на институциите и квалитетот на дадените одговори, на секоја од институции им беа алоцирани соодветен број поени кои се прикажани во третиот дел на секоја поединечна анализа во форма на тест за отвореност кон граѓанскиот сектор. Поголем дел од субјектите одговорија во целост на бараните индикатори. Дел од субјектите, за жал или не, одговорија на бараните индикатори за кои тие се иматели на информации, или упатија на нивните интернет страници каде се објавени нивните годишни извештаи за работа. Овој одговор не е на начин и во форма согласно со барањето на информации од јавен карактер упатено до овие иматели на информации. Но, дури и во ваквите случаи, интересно е што овие субјекти, годишниот извештај за работа не го доставија во самиот одговор, туку упатија на нивната интернет страница. Со оглед на фактот што информациите беа побарани во електронска форма, не би се создал дополнителен трошок за односните тела. Но и покрај тоа, дел од субјектите не ги доставија извештаите за работа во електронска форма. Од тие причини, тоа јасно е назначено во овој извештај. Имено, во главниот текст е наведено дека не е доставен податок, додека во фуснота е содржан податокот до кој е дојдено индиректно. Целта на ваквиот пристап е да се поттикне зголемен степен на соработка со граѓанските организации, но и да се подобри транспарентноста и отчетноста на надлежните државни органи“, потенцират од ИСИЕ.
Авторите на мониторингот во извештајот прикажуваат и збирни наоди и препораки од спроведеното истражување по однос на тест-индикаторите како и по однос на законската регулатива. Детали ќе објавиме во наредните текстови.
Александар Самарџиев
Текстот е подготвен во рамки на Проектот „Чувар на правдата за потрошувачите: Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации и медиумите за мониторинг, промоција и застапување на заштитата на потрошувачите во Северна Македонија“ (Watchdog of Consumer Justice: Strengthening Capacities of CSOs and Media to Monitor, Promote and Advocate for Consumer Protection in North Macedonia), што го спроведува Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ од Скопје во периодот декември 2019 – декември 2020 година во рамки на проект подржан од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) преку Проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Мониторинг извештајот е достапен на интернет страницата на ИСИЕ.