Полициски службеници на СВР Тетово во содејство со државни и општински инспектори по сообраќај денеска (24 декември) од 6 до 10 часот спроведоа акциска контрола на автобуси и други возила кои вршат јавен превоз на патници. При контролата биле откриени 2 автобуси (ТЕ-1 и ГВ-1) кои имале неисправни сопирачки и кои веднаш биле исклучени од сообраќај, а на нивните возачи изготвени им се соодветни пооднесоци.
-Покрај ова, соодветни поднесоци изготвени им се на 10 возачи (ТЕ-6 и ГВ-4), најмногу за немање на лекарски уверенија и за несоодветна категорија за управување.На два превозници (ТЕ) изготвени им се поднесоци за непоседување на потребните лиценци, а преземени се и 4 други мерки(ГВ). Вакви активности планирани се и наредните денови, навреме да се откријат, санкционираат и отстранат технички неисправните возила кои вршат јавен превоз на патници, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Полицијата вчера бележи санкции за 84 прекршоци кои се однесувале на непрописно, односно погрешно паркирање, најмногу на улиците „Илинденска“ и „Маршал Тито“ во Тетово, а биле подигнати и 9 возила, кои го попречувале нормалното и безбедно движење на другите учесници во сообраќајот. Или за четири дена вкупниот број на изречени мерки изнесува 218, а на подигнатите возила од тетовската „пајак-служба“-49. На сите возачи-прекршители изготвени им се поднесоци и ќе се соочат со предвидените парични глоби, кои се движат од 45 до 180 евра во денарска противвредност.