Градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи по денешниот состанок на кризниот штаб на средба со медиумите потенцира дека зголемен е бројот на луѓе кои имаат потреба од здравствена заштита во инфективното одделение на Клиничката болница. Од друга страна не соопшти колку луѓе се задржани на болничко лекување и за капацитетот на тетовската болница. На состанокот денес беше и директорот на болницата но не даде информации за новинарите.
-Како резултат на зголемувањето на бројот на лица заразени со Ковид-19, во Клиничкиот центар во Тетово, поточно на инфективното одделение, се зголеми бројот на лица кои имаат потреба од здравствена заштита. И покрај зголемувањето на бројот и сериозната состојба, здравствените капацитети на клиничкиот центар во Тетово се стабилни и успешно се справуваат со ситуацијата. На помош на инфективното одделение се просториите на интернистичко одделение, а ако има поширока потреба за простор исто така да се преадаптираат за болни со Ковид-19. Се зависи од тоа дали бројот на болни ќе ги надмине капацитетите. Информирани сме дека персонал има доволно, изјави Теута Арифи.
Таа вели дека редовни се средбите на кризниот штаб, но нема воспоставување други мерки како пролетта кога не беше дозволен пазарен ден и кога беше укинат локалниот јавен превоз.
-Трендовите на нагорна линија на заболени се на ниво на државата и затоа и ние ги следиме препораките кои се на ниво на сите други градови. Ќе направиме и наши проценки доколку има потреба од заострување на мерките, рече Теута Арифи.
Според податоците на кризниот штаб до денес во Тетово и 5 околни општини, вкупниот број на лица со дијагностициран Ковид-19 изнесува 2282. Од оваа бројка досега 1527 лица се излекувани, а 102 се починати,а бројот на активни случаи е 613 лица. Со одлука за изолација од Државниот санитарен инспекторат во општина Тетово и 5 околни општини се 745 лица.