Ансамблите и играорните групи кои настапија на деветтата по ред на манифестацијата „Денови на Кирил Пејчиновиќ“ во тетовско Теарце се претставија претежно со млади луѓе. Кореографиите на тие млади луѓе покажаа дека и во иднина фолклорните игри ќе бидат сочувани за наредните генерации.Учесниците се претставија на дефиле низ Теарце, а концертот се одржа во училишната спортска сала.
-Имавме спектакуларен, можеби и концерт со најголеми овации во изминативе девет години од кога ја реалзираме манифестацијата. Дефилето со играорци низ Теарце и двочасовниот концерт дојде како круна на трудот на младите од Теарце кои со љубов го негуваат фолклорот и традицијата. Наредната година славиме 10 годишен јубилеј од манифестацијата, а тоа ни дава поттик уште од сега да ги почнеме подготовките и достоинствено да го одбележиме јубилејот – изјави Бобан Трпковски, претставник на КУД „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце
Друштвото од Теарце на концертот се претстави со две групи, поголемата група со кореографиите „Роненка“, „Жетварка“ и „Ѓурѓовден“. Помалата група со „Тропнало оро“, „Црногорско оро“ и „Бувачанско оро. Покрај домаќините, на деветтото издание на манифестацијата учествуваат ансамбл „Гоце Делчев“ – Битола, ансамбл за народни игри и песни „Смедерево“, – Србија, КУД „Петровачки фолклорни ансамбл“ – Србија, Зурли и тапани „Ќустек“.