Постои ли размислување, идеја или пак постапка/проект за нов систем за собирање и отстранување на сметот од домаќинствата со кои поскоро ќе се надминат долгогодишните слики низ Тетово каде покрај полните контејнери постојано се формираат купишта со различен отпад. За ова прашање разговаравме со дел од раководството во Јавното комунално претпријатие „Тетово“, помошникот директор за оператива Љуљзим Шаќири и в.д помошник директор Александра Савеска Петровска.
Веќе долги години сликата околу контејнерите е таква-покрај полните садови, смет има и околу нив па секое такво место наликува на мини депонија.
Според двајцата соговорници од ЈКП Тетово постои размислување да се прифатат дел од постапките за справување со отпадот во другите градови како што се поставувањето на подземни контејнери. Сепак за ова само станало збор на состаноци во претпријатието, па нема ништо ставено на хартија во насока да се започне проект или работна задача за реализирање.
-Се размислува и има иницијатива за поставување на подземни контејнери затоа што со сегашната состојба има контејнери кои го попречуваат сообраќајот во градот. Попрактично и поубаво ќе биде за градот, изјави Љуљзим Шаќири.
-Тоа ќе биде од помош да се сконцентрира на едно место сметот наместо да биде расфрлан околу контејнерите, објаснува Александра Савеска Петровска.
Во ситуација кога контејнерите се полнат па отпад се остава и надвор од нив, се поставува прашањето зошто не се набавуваат поголем број на контејнери и со нивно поставување на истите места да се надмине состојбата, односно да има каде граѓаните да го фрлат сметот.
Според податоците на електронскиот систем за јавни набавки Општина Тетово во март 2021 и во октомври 2020 има склучено два договори за набавка на контејнери. Сепак искуството на вработените во комуналното претпријатие покажува дека претежно станува збор за замена на веќе дотраени или оштетени контејнери и нема зголемување на бројот на вакви садови за собирање на смет на улиците.
-Токму месецов имаме добиено 30 нови контејнери. Ние како ЈКП Тетово не ги набавуваме, туку поради финансии зависиме од општината како и од проекти или донации. Општината ни ги дава и претежно се прави замена на веќе оштетените . Се соочуваме со многу контејнери кои се палат и намерно оштетуваат од несовесни поединци, објаснува Шаќири.
Православните гробишта е едно од местата наречени црни точки каде се собираат поголеми купишта смет. Зошто наместо контејнер од кој собира еден кубен метар смет не се постави голем од пет кубни метри од комуналното претпријатие велат дека веќе имало таков кој е отстранет по барање на граѓаните од населбата.
-Таму смет оставаат луѓе кои не живеат во таа населба. Се случува да дојде, да извади смет од возилото и го фрла надвор од контејнер, да не го види некој и да не го пријави, тоа го прави што побргу да го заврши. Кога веќе некој ќе фрли надвор од контејнер, на следниот му е потешко да пристапи до садот и е принуден да се остави надвор, вели Шаќири.
-Се фрла отпад од населбите и селата кои гравитираат кон градот од таа страна, се остава комунален отпад, градежен шут, кабаст отпад. Тоа е црна точка, од сабајле да го исчистиме, навечер ќе биде полно со смет. Пред камбанаријата има шест контејнери. Над 20 да се постават сметам дека не може да се промени навиката на граѓаните. Се фрла мебел, се фрла електрични апарати бела техника и така се создаваат купиштата смет, вели Александра Савеска Петровска.
Околу десетина контејнери со капацитет од 5м3 како отворени садови се поставени на неколку локации како што Чешел, Блок 82, индустриски објекти, ГТЦ и слично.
Претставниците на ЈКП уверуваат дека собирањето на не комуналниот смет како што се мебел и бела техника се прави рачно и претставува дополнително оптоварување за секојдневната работа.
-Се ангажира багер за да се собере од земја комунален смет. Кабастиот смет се зема од места каде што има простор да се пристапи. Ги остават до контејнери мебели, но секој ден имаме камионче кое собира. Но рачно се товари и тоа одзема време, вели Савеска-Петровска.
Собраниот смет од тетовските контејнери потоа се носи на до претоварната станица близу селото Фалише каде се остава на земја, пред да биде однесен во депонијата Дрисла. Долгорочно решение за справување со отпадот генерално во полошкиот регион се смета регионална депонија за полошкиот регион преку заедничко комунално претријатие на сите општини од регионот.
Александар Самарџиев