Во текот на зимскиот распуст започна реконструкција на средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово. Во изминатите три недели се работело на промена на фасадата и поставување на ново осветлување во спортската сала. Според надлежните од Општина Тетово понатаму ќе се продолжи со комплетно реновирање во училишната зграда, набавка на нов инвентар и дигитализација на училиштето.
-Веќе може да се почне со инвестиции и во средното образование затоа што изминатите седум години тоа беше потешко имајќи во предвид долгот што беше наследен но веќе се консолидиравме финансиски за средните училишта и од оваа година со буџетот за 2021 година влегуваме во еден инвестициски период во средноколски објекти. На овој начин го заокружуваме циклусот на модернизација на образовните институции од предучилишните установи па се до средните училишта, изјави Ахмед Ќазими, раководител на секторот за јавни дејности.
Според раководителот достигната е 90 процентна реализација на наставата преку интернет која се очекува во текот на второто полугодие.
– Процентот на реализација на онлајн наставата е 90 отсто, тоа не задоволува дека има мал број на ученици кои поради одредени причини не можеа да ја следат наставата онлајн. Зимскиот распуст беше прилика со невладини организации, ЗЕЛС и ГИЗ да обезбедиме донација за ученици од ранливи групи за да бидат спремни за онлајна настава, рече Ќазими.
Во Општина Тетово има вкупно 10.100 основци од кои 3400 ученици следат настава со физичко присуство. Има и 6600 средношколци.
А.С