Веќе втора недела во Тетово граѓаните од Министерството за внатрешни работи (МВР) не можат да добијат нови регистарски таблици за нивните возила. Сите кои купиле нови возила или пак треба да ги заменат поради менување на сопственост на возилото или оштетување не добиле регистарски таблички во претставништвата на МВР во станиците за технички преглед во регионот.
Граѓаните кои се обратија до нашата редакција велат дека сега не можат да ги користат своите возила, а кај дел од нив е проблемот во тоа што возилата им се потребни за извршување на работните обврски.
Од СВР Тетово потврдија дека има застој во давањето на регистарските ознаки, а сметаат дека наскоро ќе почне испорака насекаде во државата каде недостасуваат.
-Потпишана е рамковна спогодба која се однесува на регистарски таблици. Избран е нов економски оператор и е можен мал застој поради технички причини во издавањето, но набрзо ќе биде решено“, инфомира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Од МВР нема информации која фирма е новиот економски оператор за изработка и испорака на регистарски таблици со која е потпишана рамковна спогодба.
Од декември 2019 досега регистарски таблички МВР ги обезбедуваше преку фирмата „Раде Кончар“ од Скопје. Во системот за јавни набавки објавен е нивниот договор за една година во висина од 575 илјади евра за испорака на 80 илјади пара регистарски таблици.
А.С