„Тетово сака градски парк“ е именувана новата граѓанска иницијатива која денес за прв пат преку прес-конференција ја образложи идејата пред јавноста. Предлогот е да се формира градски парк во источниот дел од градот на излез кон Скопје, место што според нив е единствениот простор каде може претставува парковска површина. Иницијаторите денес соопштија дека и поднеле таков предлог до Советот на Општина Тетово
-Советот на Општина да донесе соодветни одлуки и да го формира првиот вистински градски парк во нашиот град кој може да кажеме дека е единствениот без градски парк во држава. Предвидуваме да биде формирана од десната страна на булевар „Видео Смилевски-Бато“ на потегот од ул. „29 Ноември“ до ул. „Борис Кидрич“, како и од левата и десната страна на бул. „Видое Смилевски – Бато“ на потегот од ул. „Борис Кидрич“ до ул. „Љубо Божиновски – Пиш“. Ова е последниот простор кој може да добие ваква намена во градот, простор кој доминантно е во државна сопственост односно 74% , решение кое е разумно и рационално, со далекусежни плодови за градот, изјави Даријан Сотировски, еден од иницијаторите.
Архитектот Благоја Ристовски, дел од иницијативата рече дека според законот за урбано зеленило парк е се она што има минумим еден хектар површина, што значи дека во Тетово нема парк. Тој образложи дека вкупна површина на некои зелени плоштади е 0,2 метри квадратни по жител парковско зеленило по жител.
-СЗО вели дека секој град треба да има 9 метри квадратни градско зеленило што значи ние сме далеку од хуманизирање на градот. Површината која ја предлагаме може да биде ефективно искористена со 16 хектари. Тоа е всушност тој потребен исчекор кој треба да го направиме кон хуманизирање на градот. Тоа претставува последната неизградена површина и толкав обем, друг простор нема зошто е прилично изграден. Тоа е специфична зона на периферија на градот со можност за рекреација и одмор без сообраќај и гужви. Ова е можност да се создаден еден препознатлив урбанистички гест источна зелена капија на градот кога западната зелена капија ние Шар Планина. Со тоа создаваме зелена тампон зона кон тоа што значи индустриска зона на градот, препознатлив елемент на градот, истакна Ристовски.
Наставничката Соња Трифуновска истакна дека во својата работа со деца-ученици тие ја истакнуваат потребата да има парк.
-Со изградба на паркот ќе има можност родителите каде да ги прошетаа своите деца, бабите и дедовците своите внуците, младите каде да се дружат, вљубените каде да се состануваат. Спортистите да рекреираат, а пензионерите да уживаат во долги разговори, истакна Трифуновска.
Идејата за градски парк опфаќа четири урбани блокови, а иницијаторите посочуваат дека неопходно е да се измени Генералниот урбанистички план за два од нив и да им се додели намена Д за зеленило, рекреација и меморијални простори.
ас