Кризниот штаб при општина Тетово соопшти дека од здравствените установи добиле информација дека големиот број новозаболените се луѓе кои воопшто не излегувале од своите домови, а Ковид-19 добиле од гости во нивните домови. До 18 мај во Тетово и околните општини се регистрирани 4 нови случаи со Ковид19, со што вкупниот број на дијагностицирани е 147. Од овој број досега оздравени се 56 лица, а 13 починале.
-Бројките во последните денови за жал упатуваат на постојан пораст на бројот на заразени лица со КОВИД 19 во општина Тетово и околината. Ова во голема мерка се однесува на непочитување на заштитните мерки, односно не користење на заштитни маски и одржување на физичко растојание. Исто така, имаме случаи на луѓе кои не ги напуштиле своите домови, но биле заразени со Ковид-19, што значи дека вирусот им е донесен од страна, како резултат на посети во нивните домови од членовите на семејството и нивните пријатели. Затоа, апелираме да се намали бројот на непотребните посети и поголеми групирања во домови и затворени простории, истакна градоначалничката Теута Арифи.
Таа најави дека ќе локалната самоуправа ќе помага на верските објекти за дезинфекција.
-Општинските служби, како Територијалната противпожарна единица и ЈКП Тетово по отворањето на џамиите и другите верски објекти ќе направат и внатрешна дезинфекција на просториите на објектите , со цел да се минимизира опасноста од Ковид-19, рече Арифи.
По општини најголема бројка на заразени , 68 има во тетовската општина каде се и 4 починати. Во општина Боговиње 47 (6 починати), во Теарце има 10, Брвеница 12 (починат 1) Јегуновце 4 и Општина Желино 6 заразени, а починати 2 лица.
А.С