Општина Тетово денес со свечена осма седница на Советот го одбележа 3 март – Денот на Општина Тетово. Се одбележува 3 март 1992 година кога во Тетово беше формиран првиот повеќепартиски совет, со што беше означен почетокот на институционалната демократија во градот.
Градоначалникот Биљал Касами во своето пригодно обраќање забележа дека за тогашната општина, новиот демократски систем бил проследен со многу тешкотии и опструкции од страна на централната власт, за која како што рече не сакаше да им даде власт на општините, кои веќе се обидуваа да управуваат со нивниот град.
-Ова се случува и во време кога зборуваме за 30-годишнината од основањето на првиот повеќепартиски совет, бидејќи и по 30 години, немаме целосна фискална децентрализација која е еден од главните приоритети во зајакнувањето на капацитетот на финансиски менаџмент на општините. Од друга страна, денеска не само ние во салата, туку сите граѓани треба да славиме затоа што успеавме да отстраниме од општината раководство, кое осум години ги изнудува тетовчани и го остави градот во огромни долгови, со уништена инфраструктура, игнорирани граѓани, со поставени антивредности во училиштата и другите локални институции.Почитувани дами и господа, ова е уште една причина, денес заедно да ја прославиме 30-годишнината од плуралистичкиот систем во општина Тетово и да работиме на поставување на вистинските вредности, истакна Касами.
Тој посочи дека 30-годишнината од Денот на општината се поклопува со 100 дена владеење на новата локална власт.
-Можам со полно уверување да Ви кажам дека ги исполнуваме обврските дадени пред граѓаните. Транспарентноста, отчетноста, одржливиот стратешки развој и ефективноста при работа се главните столбови на доброто владеење кои ги ветивме . Денеска ја потврдуваме пред вас и пред сите граѓаните на Тетово, нашата посветеност. Свесни сме дека ни претстои многу сериозен и тежок предизвик, процес кој бара посветеност на сите нас и на советниците кои се избрани од граѓаните, но цврсто верувам дека ќе ја постигнеме целта, истакна Касами.
По говорот на градоначалникот следуваше оддавање на пригодни признанија на 32 поединци за нивниот придонес во афирмација на градот и општината од сите сфери на општествениот живот.
-Многу сум задоволен од ова што сум го добил. Се гледа дека се цени нашата работа и нашиот труд и ќе настојуваме понатаму да даваме уште повеќе за нашите граѓани да бидат секогаш поспокојни, сигурни и заштитени од противпожарната единица и како спасители, изјави Ука Алити командант на тетовската пожарна кој беше еден од наградените.
-Ова е признание за мојот животен труд за Тетово, интернет страници, песни, истражувања, две книги,од кои последната ја одбележа минатата година, епохално дело за тетовскиот говор, изјави Дарко Гавровски, добитник на признание.
За определувањето на луѓето кои треба да добијат признание, имаше реакција на советничка група на СДСМ.
-Како советници за оваа свечена седница бевме известени дури на 1 март што е прекратко време за да изготивме наши предлози со потребните документи и да ги предложиме до комисијата за награди и признинија. Сепак ние имавме по еден предлог од секоја категорија за давањето на награди, но истиот не беше земен во предвид и бевме сведоци на еден национален дисбаланс во давањето на награди. Бевме сведоци на користење на оваа свечена седница за политички изјави и политички поени, ние очекуваме повеќе од тоа, изјави Марија Костовска советничка на СДСМ.
Претседателот на Советот, Бесар Дурмиши рече дека е свечена седница затоа известувањата биле направени на 1 март.
-Да беше редовна седница ќе требаше седум дена порано. Имаме во Совет седум советнички групи или од седум партии. Нивните барања беа по 10-15 до 20 имиња што предложија да ги ставиме за да добијат награда. Поделивме 32 признанија и се трудевме да опфатиме во сите области и да се опфатат барем по еден-двајца од предложените имиња од сите советнички групи. Тие што не можевме да ги ставиме оваа година ќе може наредната година. Од кабинетот ме информираа дека СДСМ имале девет предлози, а ние одобривме два предлози, изјави Бесар Дурмиши.
На одбележувањето со свои музички точки настапија и учениците на Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“.
ас