Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на месечните паушали што им се исплаќаат на општинските советници и претседателите на советите на општините.
На тетовското подрачје во 2019 година најмногу паушал земале во Советот на Општина Тетово, по 16. 993 денари месечно, а за претседателот 22.092. Вкупно за сите 31 советник и претседателот од општинскиот буџет издвоени се 103.782 евра за 2019 година. Најмалку пари од општинскиот буџет за оваа намена е во Општина Јегуновце каде се издвоени 34.224 евра.
-Вкупната годишна сума што им се исплатува на 1319-те советници и претседатели на совети во Македонија изнесува повеќе од 215 милиони денари или нешто над 3,5 милиони евра, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Висината на месечниот надомест зависи од бројот на жители во општината и е определен како процент од просечната плата во земјава. Претседателите добиваат 30 % повисок паушал од советниците. Услов за да се исплати паушалот е во месецот да биде одржана барем една седница.
А.С