Од утре понеделник 15 јуни започнуваат Петровденски (апостолски) пости кои ќе траат до 11 јули. Овие пости се востановени во чест на светите Господови апостоли Свети Петар и Свети Павле, односно Петровден на 12 јули и Павловден на 13 јули
Во понеделник, среда и петок не се јаде масло и вино; во четврток и вторник се дозволува масло и вино, а во сабота и недела – масло и риба.
Петровденскиот пост му претходи на празникот на светите првоврховни апостоли Петар и Павле; затоа се нарекува уште и Петропавловски или само Апостолски пост. Овој пост се утврдува кога во 4 век, од страна на светиот рамноапостолен Константин Велики, биле подигнати храмови во чест на светите првоврховни апостоли Петар и Павле во Константинопол и Рим. Осветувањето на константинополскиот храм се случило на денот кога се празнува споменот на овие апостоли и оттогаш овој ден почнал да се одбележува особено торжествено како на Исток, така и на Запад.
Со празникот на светите апостоли Петар и Павле (29 јуни/12 јули по нов стил) завршува Петровденскиот пост, додека неговиот почеток е подвижен и зависи од празнувањето на Пасха (Велигден). Тој започнува една седмица по Педесетница, т.е. од понеделникот по Неделата на сите светии, а неговата должина варира од 8 дена до 6 недели.
Светите апостоли Петар и Павле биле толку различни: Петар бил необразован и сиромашен рибар, Павле бил син на богати и благородни родители, римски граѓанин со извонредно образование; Петар, маловерниот, трипати се одрекол од Христа, но горко се покајал и станал камен и основа на Црквата, Павле, најголемиот непријател на христијаните, кој жестоко се противел на Христа, подоцна станува најплодоносниот мисионер на Евангелието. Вдахновениот простак и избезумениот оратор, Петар и Павле, ја олицетворуваат духовната крепост и разум – двата најнеопходни мисионерски квалитета.