Градоначалникот на Тетово Биљал Касами денес им додели решенија на пожарникарите со што од наредниот месец ќе им се зголеми платата согласно член 13 од Законот за пожарникари. Вработените во пожарната на тој начин ќе ги добијат додатоците на плата за кои во неколку наврати и протестираа изминатите години.
-Од денес со овие работни решенија се зголемуваат платите од шест до осум илјади денари во зависност од основната за плата. Ова е наша заложба за подобрување условите и услугите кои ги даваме на нашите граѓани. Ова е најмалку што можеме да направиме за оваа единица, изјави Биљал Касами.
Според Касами ќе им се исплатат овие додатоци на плати и за изминатиот период, што досега општината им ги должела.
-И покрај многуте долгови и блокирани сметки со кои се соочуваме како општина, вака гиим оддаваме почит на луѓето кои се постојано во служба на граѓаните и кои ги ризикуваат своите животи за да не спасат, рече Касами.
Платата на професионалните пожарникари, поради тежината на работата што ја вршат е зголемена за 20 % повеќе од платата на другите вработени со соодветна стручна подготовка за работно место во општинската администрација, согласно член 13 од Законот за пожарникари. Тие што ќе работат ноќна смена им се гарантира надоместок на трошоците за храна во висина од 20 % од просечната нето плата исплатена во предходната година.
Исто така, пожарникарите ќе добијат право на додаток на плата, поради работа во смени, работа на терен и работа во ноќна смена.