Процесот на јавните набавки транспарентност и отчетноста се смета како еден од најефикасните механизми за намалување на ризиците од корупција. Воедно во самиот закон за јавни набавки постои и начело за транспарентност во кој се наведува дека договорниот орган ги реализира постапките за јавни набавки на транспарентен начин и во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Начелото на транспарентност се обезбедува со објавување на планот за јавни набавки, огласите и известувањата од овој закон, тендерската документација и договорот за јавна набавка, како и нивните измени и дополнувања.
Во рамките на проектот на невладината организација Младинска Алијанса од Тетово насловен „Анализа на јавните набавки во Полошки плански регион“ беше извршен мониторинг на интернет страниците на општините Тетово, Брвеница, Желино, Теарце и Јегуновце во насока на утврдување на транспарентноста при процесот на набавки.
Карактеристика за сите посочени општини е што воопшто не објавуваат свои податоци за плановите за јавни набавки или извршените јавни набавки. Претежно се користи алатката за линк до интернет страницата на електронски систем за јавни набавки https://www.e-nabavki.gov.mk.
На интернет страницата на Општина Тетово нема нивни податоци за јавните набавки. Има поставено линк до системот за електронски јавни набавки но воопшто нема податоци во одделот за реализирани договори, иако како опција постои на веб страница на општината. Податоци може да се видат во одделите за „Планирани набавки“, „Огласи“ и „Склучени договори“ кои всушност претставуваат линк до страницата за електронски систем за јавни набавки.
На веб порталот на Општина Теарце има линк до интернет страница за електронски систем за јавни набавки. Сепак тоа е само на страницата на општината само на албански јазик, додека делот со македонски јазик нема линк до системот.
Општина Брвеница на својата интернет страница има само одредени објави за реализирани проекти во кои се вклучени информаци за спроведени јавни набавки. Немаат сопствените податоци за јавни набавки или пак линк до интернет страницата на електронскиот систем за јавни набавки
Општина Желино преку својата интернет страница исто така има линк до интернет страница за електронски систем за јавни набавки. Нема сопствени податоци кои се објавуваат на страницата, а се поврзани со јавните набавки на општината.
Oпштина Јегуновце на својата интернет страница нема оддел за објавување на јавните набавки или линк до електронскиот систем. Општината сите информации од своето работење ги објавува преку посебна форма на страницата наречена „Службен гласник“.
Со оглед дека цел на проектот е да се унапреди спроведувањето на јавните набавки од страна на локалните власти во Полошкиот плански регион во насока на поголема транспарентност, отчетност и одговорност во трошењето на јавните пари, во рамките на проектот „Анализа на јавните набавки во Полошки плански регион“ се препорачува општините да го почитуваат членот 6 од законот за јавни набавки каде е содржано начелото на транспарентност и да обезбедат транспарентност и отчетност со објавување на планот за јавни набавки, огласите и известувањата од овој закон, тендерската документација и договорот за јавна набавка, како и нивните измени и дополнувања. На тој начин сите податоци за јавните набавки ќе бидат директно достапни за сите граѓаните од општината кои ќе сакаат да ги видат таквите информации и воедно ќе бидат соодветно информирани.
Овој текст е изработен во рамки на проектот „Граѓански организации и Медиуми против корупција-Коалиција за нулта толеранција”. Изработката на текстот е со финансиска поддршка од Европската Унија. За содржината на публикацијата единствено се одговорни Младинска Алијанса-Тетово и Тетово Инфо и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.