Традиционалната „Мултиетничка средба“ годинава се одржува во Тетово по две годишниот застој поради пандемијата. Здружението на пензионери од Тетово од 1998 речиси секоја година ја организира оваа средба на пензионери од сите краишта на земјата при што се собираат неколку стотини учесници.
– „Мултиетничката средба“ се одржува речиси секоја година во Тетово од едноставна причина што нашиот град е мултиетнички град и ја има главната основа каде да се прават ваквите манифестации. Целта на оваа манифестација е да се дружиме, да се веселиме, да се запознаваме, да размениме мислења меѓу пензионерите и други проблеми и работи кои се појавуваат, изјави Селвер Мемети, претседател на тетовското здружение.
На средбата со пензионерите од целата држава беше и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами кој во обраќањето ја посочи потребата од продлабочување на соработката и реализација на конкретни проекти со цел подобар живот на пензионерите.
-Заедно со здружението „Милениум” ќе аплицираме за мерката „Третман, вработување и згрижување за старите лица”. Како значајна група во општеството, пензионерите заслужуваат квалитетна здравствена и социјална грижа која ќе им обезбеди квалитетен и достоинствен живот. Општина Тетово секогаш ќе ги поддржува сите активности што ги организира Здружението на пензионери. Нашиот однос кон пензионерите како најстара категорија граѓани бил и секогаш ќе остане позитивен, изјави Касами.
Низ цела Македонија постојат 53 здруженија на пензионери со вкупно 273 илјади членови. Тетовското здружение брои 13 илјади пензионери. Вкупно по сите видови на пензии евидентирани се 320 илјади пензионери во државата.
ас