Околу 60 учесници вчера беа дел од „Планинарска Инстаграм Тура Лешница“ до месностите Лешница и Кривошиски Водопади, информираат од планинарскиот клуб Љуботен кои беа технички организатори и координатори. Целта на турата беше запознавање на вредностите на средишниот дел од Шар Планина и поддршка на процесот за прогласување на Шар Планина за Национален Парк.
-Планинарската тура е во рамките на кампањата за прогласување на Шар Планина за национален парк која се спроведува од страна на Центарот за едукација и развој – ЦЕД во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за животна средина на Обединетите Нации (УНЕП) На планинарската Инстаграм тура, планирано беше да се направат повеќе квалитетни слики на неколку локации во убавините на Лешници со професионален апарат на секој заинтересиран учесник кои ќе се споделуваат на Инстаграм под официјалниот хаштаг на кампањата „#ДаЈаЗаштитимеШара“, потенцираат од клубот.
Планинарската колона своето движење го започна од селото Бозовце во 8.30 часот, а пристигнувањето на Лешница беше околу 11 часот, додека еден час подоцна и до кадите /водопадите на Кривошиска река.
Долна Лешница е на надморска височина од 1450 метри, додека Горна Лешница од 2221 метар надморска височина.
А.С