Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со повеќе функционери од Министерството изврши увид на реализираните градежни работи во реконструираниот објект во кој е сместено Полициското одделение од општа надлежност во Жеровјане, Општина Боговиње. Реконструкцијата е извршена и со помош на граѓаните и бизнисмени кои донираа средства и помогнаа во обнова на објектот, за што Спасовски им додели благодарници.
-Дојдовме да видиме она што го направија заедно граѓаните од Жеровјане и заедницата, командирот, колегите од полициското одделение заедно со МВР за целосно реконструкција и обнова на овој објект кој педестина години не е обновен. Ова е дел од нашите врвни приоритети како раководство да створиме добри услови за работа на службениците. На тој начин да ги мотивираме да придонесат повеќе за општата безбедност. Благодарност до бизнисмените и граѓани кои учествуваа со финансиска поддршка за реконструкција на овој објект. Ова е важно сите заедно да бидеме општествено одговорни и да придонесуваме да ги јаканеме нашите институции, помагањето во безбедноста е вложување во иднината на заедничката земја во стабилноста и мирот. Ако има безбедност ќе има развој на економијата и нови вработувања. Затоа сакам бизнисот на овие луѓе да се множи да се унапредува уште повеќе, истакна министерот Спасовски.
Вредноста на градежните активности во процесот на реконструкција на објектот е 2.526.363.00 денари или околу 40.747 евра, а 18.700 евра се обезбедени од донации од граѓани.
-Во постапката на реконструкција на објектот изведени се голем дел градежно-занаетчиски работи: целосна замена на старите дрвени со ПВЦ прозорци, што ќе придонесе за зголемување на енергетската ефикасност и поголеми заштеди, изработена е нова фасада, извршена е целосна санација на санитарните јазли и замена на внатрешните врати со нови, монтиран е нов влезен портал, инсталирано парно греење, кое ќе придонесе во подобрување на условите за работа, од една страна, но и зачувување на животната средина од аерозагадување, од друга. Направено е целосно внатрешно реновирање, а надворешниот дел околу објектот е уреден со поставување на бекатон плочки и заштитна ограда, изјави Спасовски.
Командирот Насер Зенуни информираше дека во 2020 година по службена должност од 40 пријавени кривични дела, 29 се реализирани, односно поднесени се соодветни пријави против сторителите, а од 24 пријавени кривични дела кои се водат по приватна тужба, реализирани се 18. Кај 11-те пријавени прекршоци против јавниот ред и мир, пак, се бележи стопроцентна реализација.
Станицата во Жеровјане опфаќа 9 населени места со 13 илјади жители и покрива подрачје од 185 квадратни километри.
А.С