Пред тетовската публика за прв пат беше претставена книгата „Верковиќевиот апостол“ од доцент д-р Михајло Марковиќ и проф д-р Соња Новотни од Универзитетот во Тетово која е излезена од печат во 2019 година. Станува збор за значајно дело кое обработува ракопис од 14 век на монашки писец, за кој двајцата автори прават анализа на правописно-фонолошките особености и претставува доказ за постоењето на македонскиот јазик. Презентацијата на книгата беше извршена вчера по повод денешниот 21 февруари меѓународен ден на мајчиниот јазик.
-„Верковиќевиот апостол“ се издвојува како македонскиот ракопис, односно ракопис со македонска-црковнословенска редакција. Освен тоа ќе ги издвоиме особеностите кои ги има „Верковиќевиот апостол“ бидејќи се работи за ракопис од 14 век, апостол кој е пишуван на определна дијалектна норма на македонски јазик. Што значи јасно се одразува македонската-црковнословенска варијанта низ целиот ракопис. Односно елементите кои покажуваат дијалектна особеност коишто и денес може да се сретне во средината на македонската дијалектна почва, изјави авторот Михајло Марковиќ.
Ракописот е наречен по Стефан Верковиќ за кого се смета дека го зел и го однел од Македонија во Русија.
-Професорката Соња Новотни го наоѓа ракописот во Русија, во библиотеката „Салтиков-Счедрин“ во Санкт Петербург. Таму зема факсимили и тоа е нејзина магистерска теза, одбранета 1994 година. Пред 2 години Министерството за култура го одобрува за печат и ние го доработуваме и вршиме анализа на правописно-фонолошките особености. Овој ракопис има и дел „Згоштов апостол-расчитан текст и орнаментика“. Но во нашата книга се задржуваме исклучиво за правописно-фонолошки особености, потенцира Марковиќ.
Авторот Марковиќ посочува дека Стефан Верковиќ, работел за тајните служби на тогашната српска власт во насока на уништување на македонските ракописи.
-Но благодарејќи на нивната алчност најверојатно и тие ракописи наместо да се уништат се продавани во Русија. Но сепак благодарение на тоа едноставно несакајќи се зачувале, додека денес настапува период кога ќе има современи истражувања кои ќе покажат нови елементи односно постоење на македонскиот јазик и негов јасен континуитет од 9 век до денес но и за претходно за кога немаме пишани аргументи, вели авторот.
Се верува дека ракописот е најден во Згошта, село во северозападна Македонија и од тоа село е изнесен.
-Станува збор за монаси кои се нарекуваат писци, коишто го посветиле животот на пишување и преведување на богослужбени книги- Библија, Апостол и Евангелие итн. Тој ракопис е од писец по потекло од Македонија го пишува на својот дијалект. Пример јас денес колку и да внимавам да зборувам литературно ќе испуштам елемент од тетовскиот дијалект. Така и тие препишувале, се труделе да ја запазат црковнословенската норма но бидејќи потекнуваат од ова поднебје, тие пишуваат на народен јазик односно дијалектот е зачуван и прават грешки. Односно со тоа што ги прават грешките, благодарение на ним денес имаме докази за постоењето на македонскиот јазик, вели Марковиќ.
По повод меѓународниот ден на мајчиниот јазик пред заинтересираните во публиката како и во пренос во живо на интернет говореше професорката по македонски јазик во пензија Ружа Ѓорѓеска.
-Говорам за мојот поранешен професор Блаже Конески научник-славист, кодификатор на македонскиот литературен јазик кој заслужува да му се посвети предавање токму на денот кога се одбележува мајчинито македонски јазик поради неговото книжевно послание, коешто ни го оставил во наследство како научник-славист, и како поет и како раскажувач. Ги остварува идеите на Крсте Петков Мисирков, на Партение Зографски, на Венијамин Мачуковски. Тој е првиот кој што ја формира Македонската академија на науките и уметностите. Има многу да се говори за него и да се каже дека создаде поезија која не може а да не допре до љубителот на поезија и обичниот читател. Антологиските негови песни „Тешкото“, „Везилка“, „Стерна“, рече професорката Ѓорѓеска.
Настанот по повод 21 февруари меѓународниот ден на мајчиниот јазик го организираше Комисијата за култура при ВМРО ДПМНЕ од Тетово.