Наставници и вработени кои бележат децении работен стаж добија соодветни пригодни признанија по повод денешниот патронат на Државно стручно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ од Тетово. Поради пандемијата одбележувањето е во кругот на вработените и учениците, а со цел да се одбележат значајни јубилеи на поединци кои имаат децениски стаж во установата.
-Денот на училиштето, патронат на РЦСОО „Моша Пијаде“ симболично и согласно протоколите за Ковид-19 се одбележува со оддавање на признанија за вработени кои бележат јубилеи во работењето во минатата 2020 и оваа 2021 година. Признанија добија четворица вработени кои бележат 30 години работен стаж, осум со 20 и седум со 10 години работен стаж во училиштето. За постигнатите резултати во наставата признанија за најдобри ученици на генерација добија осум средношколци од сите години, информира директорот Небојша Трпковски.
За прв пат патронатот се одбележува како регионален центар за стручно образование откако минатата година од општинско училиштето премина во државно.
Ова стручно училиште има 930 ученици, во 72 паралелки во седум струки. Училиштетот е основано во 1928 година како Нижe земјоделско училиште. Од 1960 година го носи името на Моша Пијаде (1890-1957) кој бил сликар, новинар, учесник во Народноослободителната борба.
А.С