Проектната документација со геодетски елаборат за патот до Луковица која мештаните сами ја финансисира е готова и доставена до Општина Желино, информираат од месната заедница и Здружението на жители на Луковица. Сега се надеваат дека општината ќе најде средства од разните фондови при Владата и меѓународните организации за изградба и асфалтирање на патот.
-Проектната документација е доставена до Општина Желино на 18 декември, а истата беше примена во архивата и беше добиен архивски број (1270/1). Се надеваме дека општина Желино ќе ја забрза постапката за аплицирање пред надлежните органи во државата за асфалтирање на патот со цел да се реши деценискиот сон на жителите на село Луковица, вели Миле Сибиновски од месната заедница и Здружението на жители.
Соочувајќи се со деценискиот проблем без пат и тоа што општината не ја започнува процедурата месната заедница, здружението на жители и црковниот одбор во октомври ја започнаа иницијативата. По позитивниот одговор на анкета со граѓаните се собраа дел од потребните средства. Потоа во ноември беше ангажирана стручна фирма за изработка на проектната документација.
-Потребно е сите кои се обврзале да дадат придонес во висина од 3000 денари да ги достават средствата со цел целосно да биде исплатен фирмата и да се продолжи со процедурата, велат од месната заедница.
За да се стигне до Луковица треба да се помине пат од пет и пол километри кој нема асфалт и се поминува по чакал и песок.
А.С