На Државниот универзитет во Тетово денес беше свечено пуштен во употреба новиот Технолошки парк „Аполон“, во состав на Економскиот факултет. Неговата цел ќе биде да се поддржат новите бизниси, како и зајакнување на постојните.
-Самата функција на Технолошкиот парк во себе содржи еден концепт од три чекори. Првиот има за задача да формира нови компании, старт ап и да ги инкубира истите. Во втората фаза ќе се интервенира врз забрзувањето на развојот на бизнисите за да се помине на третата фаза, која е најзначајна, што подразбира одржлив развој на бизнисите во земјава, вели Раман Исмаили, декан на Економскиот факултет при Универзитетот во Тетово.
Технолошкиот парк е донација на Кенан Ферати.
-Ми претставува огромна чест што сум денес тука. Ваквите настани се многу благородни настани. Денес бевме сведоци на отворањето на Технолошкиот парк Аполон, кој е наша инвестиција и се надевам дека ќе биде во полза на науката и студентите, како и во полза на иднината на нашето општество, рече донаторот Кенан Ферати.
На денешната свеченост на Универзитетот во Тетово присуствуваа претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети и вицепремиерот, Артан Груби.