Граѓаните го изразуваат својот револт од зголемувањето на цената на електричната енергија од 7,42 проценти што беше најавено вчера Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. На социјалните мрежи граѓаните негодуваат што ќе има зголемени цени на овој ресурс во време на голема општествена и економска криза поради пандемијата од Ковид-19.
-Вака треба да ги платиме ваучерите, пишува корисник на Фејсбук.
– Во Малта 26 евра (1600 денари) е сметка за повеќе од два и пол месеци и тоа за вода и струја. За стан во кој живееме двајца, вели Дарко Јовчевски кој живее на Малта.
Економскиот експерт и професор д-р Бранимир Јовановиќ од од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје и поранешен советник во Министерството за финансии ја критикува оваа одлука на власта со образложение дека во оваа криза најмногу ќе бидат погодени граѓаните.
-Не смее да се дозволи струјата да поскапи во оваа криза. ЕВН и другите такви компании лесно ќе преживеат со малце намалени профити. Не и 455.000 сиромашни во државава со 7% повисоки сметки, вели Јовановиќ.
Тој потенцира дека европските земји наместо зголемени цени на главните ресурси понудиле гарантиран пристап и олеснителни околности барем во определени периоди.
-Шпанија за времетраењето на кризава обезбеди гарантиран пристап до струја, вода и гас за сиромашните, дури и ако не плаќале сметки.Италија ги суспендираше сметките за струја, гас, вода и ѓубре на 2 месеци. Белгија им даде на домаќинствата до 100 евра за сметки за струја и 75 евра за сметки за гас. Словенија ја намали цената на струјата за домаќинствата и малите фирми за 20%. Кипар ја намали цената на струјата за 10% на 3 месеци. Македонија ја зголемува цената на струјата за 7,4%, а има највисока сиромаштија и невработеност во Европа. ЕВН лани остварила нето добивка 36 милиони евра, МЕПСО 7 милиони, ЕСМ (ЕЛЕМ по старо) 3 милиони. Во исто време, 100.000 луѓе во државава живееле со помалку од 40 денари на ден, потенцира Јовановиќ.
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги образложи дека ја одобрува крајната цена на електричната енергија во која се пресметани и трошоците на МЕПСО за пренос на електрична енергија, Електродистрибуција за дистрибуција на електрична енергија, МЕМО за организирање и управување со пазарот на електрична енергија, како и трошокот за набавена електрична енергија.
-Со сите овие елементи просечната крајна цена е корегирана за 7,42% или за досегашна сметка од 1500 денари ќе има зголемување од околу 100 денари. Евтината тарифа останува на располагање на граѓаните во интервалите кои се и денеска на сила преку ден и навечер, изјави Марко Бислимоски претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Цената по по киловатчас во ефтина тарифа ќе биде 2.99 денари, додека во високата тарифа 5.95 денари.