Овие два дена по неколку пријави за семејно насилство се евидентирани во тетовската полиција, а карактеристично е што кај поголемиот дел и сторители и жртви се машките лица.
Вчера во Џепчиште 27 годишен син го пријавил таткото дека го нападнал, а 44 годишник од Челопек го пријавил стрикото. Претходниот ден 27 годишник од Тетово е пријавен од таткото дека агресивно се однесувал и му се заканувал. Педесетгодишник од Селце е пријавен од сопругата за психичко и физичко малтретирање на неа и четирите деца.
-Во првите три месеци од оваа година на подрачјето на СВР Тетово регистрирани се вкупно 26 кривични дела поврзани со семејно насилство кои целосно се расчистени и заокружени со соодветни поднесоци. Најголемиот број од кривичните дела-14 биле со нанесување на телесни повреди и со загрозување на сигурноста-12. Најмногу од сторителите на овие дела, односно од извршителите на семејното насилство во периодот за кој станува збор биле машки лица, претежно сопрузи, вонбрачни или поранешни сопрузи потоа деца, родители и така натаму, додека меѓу „жртвите“ на ваквиот вид насилство најбројни се сопругите и татковците, вели Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Во првиот годинашен квартал до Секторот за внатрешни работи Тетово, исто така, биле поднесени и 48 поплаки кои се однесувале на семејно насилство. Најмногу од оние на тетовското подрачје се поплакувале за физичко малтретирање. Сите поплаки се адекватно расчистени со поднесоци.
А.С