На првиот ден излегување од дома по 20 дена изолација поради Ковид-19, ја нападнало и искасало куче скитник. Со ваква неверојатна животна приказна и ситуација се соочила 46 годишна жителка на Тетово која по лекувањето од коронавирусот сега продолжува да пие лекови за болки и за смирување и да прима соодветни вакцини поради повредите. Таа е револтирана што се соочила со нападот на куче скитник па ќе ја искористи приликата во вакви ситуации за да ја тужи општината.
-Во петокот 16 април ми беше прв ден како можам да излезам од дома со оглед дека ми заврши изолацијата поради Ковид-19. Утрото пред да одам на работа, пред 8 часот бев до ординацијата на матичниот лекар за да испитам крвна слика. Потоа одев на тротоарот од булеварот „Маршал Тито“ кон плоштадот за да стигнам на работа. Така одејќи видов едно мало кученце а во правец на културниот дом забележав едно поголемо куче, кое почна да трча кон мене, објаснува соговорничката, со иницијали М.Х, која сака да остане анонимна.
Продолжи да ја објаснува случката, раскажувајќи ја непосакуваната средба со кучето и соочувањето со голем страв.
-Кога стигна до мене, кучето рипна и ме касна за левата рака која ја подигнав инстиктивно во висина на главата за да се заштитам. Кога ме касна и ме собори на земја, паднав и потоа уште еднаш ме гризна на грбот. Голема среќа во тие моменти што еден човек мислам излезе од продавниците, почна да вика по кучето и со голем камен фрли кон него и на тој начин успеа да го оттргне од мене по што тоа замина. Иначе уште ќе ме гризеше, којзнае што ќе ми направеше, вели тетовчанката.
Луѓето од продавниците и и помогнале да стане и да се соземе, по што се вратила во блиската ординација на матичниот лекар.
-Во шок бев, почнаа да ми се тресат рацете и така ми беше цел ден. При паѓањето и зглобот на ногата сум го превиткала и ми потече. Во ординацијата првично ме преврзаа и ми дадоа дијазепам да се смирам. Потоа отидов во болницата во хируршко одделение за да добијам соодветен третман на раните и преврска. На нервно одделение исто ми препишаа лекови за смирување, па во инфективно одделение да ми дадат вакцини против беснило и тетанус, вели 46 годишната жена која ни ги покажа фотографиите од раните што ги објавуваме подолу за кои предупредуваме на вознемирувачката содржина.
Таа е револтирана од општинските власти што не преземаат ништо околу оваа состојба. Иако се излекувала од Ковид-19, на улица во Тетово и се случило животот да и биде доведен во опасност.
-Каснувањето го пријавив во полицијата и се консултирав и со адвокат. Ги собирам сите потреби извештаи и ќе ја тужам општината како што има можност. Во болницата кога бев на преврска вработените ми рекоа дека еден час пред мене дошол некој маж кој бил искасан и дека секој ден има по 4-5 вакви случаи на напади од кучиња скитници. Ова не е нормално. Овие денови само лежам, не можам да функционирам од болки и од страв, објаснува таа.
46 годишната жена поради коронавирусот десетина дена имала температура. Сега поради нападот од бездомното куче уште една недела ќе остане пак дома на боледување со примање повеќе терапија и во обид да го надмине ова психолошкото оптоварување.
А.С