Советот на Општина Тетово денес одржа вонредна седница на која беше суспендиран детален урбанистички план (ДУП) за урбан блок 57А. Овој ДУП беше донесен во време на претходната градоначалничка, на местото на Шумарско-индустрискиот комбинат (ШИК) „Јелак“ каде се предвидени да се градат дваесетина згради за домување и трговски центри.
Градењето на објекти на оваа локација беше основа за политичко пресметување меѓу партиите и обвинувања за корупција.
За суспензијата на ДУП-от гласаа мнозинство од советниците од Движење Беса, ВМРО ДПМНЕ, граѓанската иницијатива Подобро за Тетово, Алијанса за Албанците и Алтернатива.
-Денес му се рече стоп на една од најсомнителните коруптивни афери на градот Тетово со деталниот урбанистички план за урбан блок 57А. Во аудио разговори се збори за овој ДУП и се спомнуваат стотици илјади евра како се платени од контраверзен бизнисмен од Црна Гора. Денес е покрената иницијатива за суспензија и сега Комисијата за урбанизам од Општина Тетово назначена од градоначалникот треба да подготви елаборат што ќе го донесе во Советот и ние истите треба да го гласаме и да видиме истиот е како што треба и доликува на целосната процедура за донесување на тој план. Не сме ние да не се гради. Ние сме за доброто на Тетово, Тетово треба да се гради, бидејќи од тие градби ќе има доста даноци што ќе се враќаат во општината но техничкото решение не е соодветно според закони и правилници, туку за лични интереси. Нема зелена површина, нема јавен паркинг за зградите, има тотален ѕид како на Илинденска и не треба да дозволиме на таков начин, изјави Хамди Сулејмани од советник од граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“.
Советниците од ДУИ и СДСМ не учествуваа во гласањето, така што станаа од нивните места во Советот и седнаа во делот предвиден за јавноста и граѓаните.
Блерим Османи, координаторот на ДУИ рече дека не навлегуваат во суштината на точката на дневниот ред туку, на овој начин се спротиставуваат на тоа што е свикана вонредна седница без основа.
-Вчера е свикана вонредна седница, а потенцирано е во закон за локална самоуправа, статут и деловник кои се вонредни околности. Ние проценивме дека оваа седница не е од тој карактер не е итна и не е вонредна и баравме да биде одложена за стандардна седница и да ни достават документи кои се потребни за разгледување на точката на дневниот ред. Не навлагавме во дебата за тие околности зошто е поднесена иницијатива. Ние баравме да се образложи целта зошто е свикана итна и вонредна седница кога точката не се однесува за таква ситуација, изјави Османи.
-Согласно статутот требаше да биде образложено потребата за одржување на таква седница. Советниците од СДСМ сметаа дека образложението кое го беше дадено не беше доволно и не ги исполнуваа условите законски и статутарни за одржување на вонредна седница за ова прашање. Немавме никакви материјали за тоа што конкретно ќе гласаме на таа вонредна седница. Затоа ние се изземавме од гласање и како граѓани ја набљудуваа седницата. Донесена беше одлука за која немаме никакви материјали за која не знаеме точно што предвидува и донесена една иницијатива, без официјален документ дадено дека има потреба да се поништи. СДСМ не е против за разгледување на било кој ДУП кој е донесен но во соодветна постапка тоа треба да биде, изјави Илија Димитриевски од СДСМ.
Оваа иницијатива за суспензија на ДУП-от сега треба да ја разгледа Комисија од Секторот за урбанизам па повторно да се оди на гласање во Советот дали ќе се менува целиот детален урбанистички план или само делови.
-Сметаме дека требаше итно да се види оваа процедура затоа што сметаме дека е донесена незаконски. Да се видат сите постапки како е донесена и да се види дали ги исполнува сите услови. Сектор за урбанизам да види сега и да направи елаборат и да го донесе во Советот. После ќе го разгледаме и да видиме дали има можност овој план да помине или нема можност. Ако има технички грешки или законски ние ќе гласаме да се промени. Не се гласа за поништување туку за суспензија. Требаше што поскоро да се свика седница за подобро за граѓаните, изјави Бесар Дурмиши, претседател на Советот.
Според советниците ако Комисијата одлучи делумна промена на ДУП-от ќе треба да се донесе нов во рок од шест месеци. Ако се изгласа целосна промена на ДУП во рок од една година треба повторно да се изработи нов детален урбанистички план.
ас