Советот на општина Тетово по две одложувања ги усвои деталните урбанистички планови за Урбан блок бр.57 и Урбан блок бр. 8 за кои имаше реакции на дел од советниците со оглед дека со нивна измена се предвидуваа градење на нови комплекси со згради на местото на поранешната фабрика ШИК Јелак и кај стариот градски стадион.
Претседателот на Советот Беким Мемети на новинарските прашања зошто сепак се изгласа оваа точка со оглед на негативните реакции на архитектите и стручната фела, како и воопшто на политичката и општествена јавност, истакна дека процедурата е спроведена во надлежните министерства.
-За тоа има одлука на Влада и одлука на министерство. Се е документирано како што треба. Ако има нешто треба да даваат одговор други надлежни луѓе. Ние како Совет се занимаваме дали е процедурално добро, се дискутираше, имаше можност секој да дискутира, да поставуваат прашања, изјави Беким Мемети.
Дел од 33-тата седница на Совет на општина Тетово беше верификација на мандатите на двајца нови советници. Во редовите на ВМРО ДПМНЕ нов советник е Далибор Спасовски наместо Александар Велјановски кој стана пратеник. Кај Алијанса за Албанците нов член на Советот е Кујтим Рамадани откако Мимоза Муса даде оставка поради лични причини односно заминување во странство.
Од останатите точки на Советот на дневен ред беа усвојувањата на годишните извештаи на училиштата и градинките како и соодветните планови за работни места во тие установи.
А.С