На третата седница на Советот на Општина Тетово по барање на советниците учествуваше и командирот на сообраќајната полиција Зоранчо Талев. Советниците од граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“ побараа образложение и решенија за сообраќајниот хаос во Тетово.
Командирот Талев во обраќањето истакна дека СВР Тетово бележи 44.592 регистрирани возила само со тетовски регистерски ознаки и дека во услови кога градот располага со малку булевари и улици потребна е поголема соработка на полицијата и локалната самоуправа во надминување на сообраќајниот метеж.
-Во членот 7 од Законот за безбедност на патниот сообраќај е утврден дека Општината ја уредува сообраќајната инфраструктура. Сметам дека ние треба да дојдеме до ситуација кога помалку ќе треба казнуваме. Предлог мерки од нашата страна до општината се да се зголеми бројот на „пајак-возила“, да се воведат повеќе еднонасочни улици како и да се зголеми бројот на сообраќајни инспектори кои ќе работат на отстранување на возила кои нелегално извршуваат јавен и такси превоз, посочи во обраќањето командирот Талев.
Советничката Марија Костоска од СДСМ побара подобрување на состојбите со можност да се воведат повеќе алтернативни типови на јавен превоз.
-Тие типови не се достапни а сметам дека се клучни како алтернативни типови на превоз односно повеќе велосипедски патеки и враќање на јавниот автобуски превоз, што воедно е и начин за намалување на загадувањето на воздухот, посочи Костоска.
На денешната седница беа формирани неколку комисии при Советот на Општина Тетово.
ас