Стакленик и метеоролошка станица кои се поставени во кругот на средното стручно општинско училиште „Моша Пијаде“ во Тетово ќе бидат можност за едукативни цели, доедукација и помош на заинтересираните страни за да можат да истражуваат во одгледувањето на земјоделски култури и истото да го применат во пракса. Проектот е вреден 2.169.000 денари ќе значи и поттик на развојот и подобрување на земјоделското производство,порача министерот за локална самоуправа Горан Милевски кој беше во посета на училиштето.
– Иако Полошкиот регион има долга традиција во земјоделското производство, одгледувањето на култури во стакленик не е достапно за голем број на земјоделци поради потребните инвестиции. Стаклениците од друга страна овозможуваат одгледување на култури во контролирани услови, со примена на нови научни сознанија и технологии, а со тоа и оптимизирање на производство. Овој проект поддржан од Швајцарска агенција за развој и обнова, ќе придонесе за зголемување на производството во земјоделието преку подобрување на компетенциите на жителите на Полошкиот плански регион со воведување на нови и попрофитабилни методи и култури, појасни министерот Милевски.
Тој истакна и дека на овој начин ќе се зголеми бројот на жители кои имаат вештини за одгледување на култури во стакленик, по 5 лица од секоја општина односно вкупно 45 лица од регионот.
-Исто така 30 ученици од земјоделско-ветеринарна струка ќе стекнат вештини за одгледување на култури во стакленик а ќе се подобрат и условите за изведување на практична настава во училиштето. Околу 179 ученици од електротехничка струка пак ќе стекнат вештини за автоматизација и програмирање ќе ги подобрат своите познавања со изведување на практична настава во училиштето заедно со 20 наставници од електротехничка и земјоделска струка што ќе ги зголемат компетенциите за работа во стакленик, истакна Милевски.
Во склоп на опремата има и метео станица која го потпомага компјутерот за автоматска регулација на условите во стакленикот.
-Во рамките на проектот предвидени се и обуки за стекнување на вештини за одгледување на земјоделски култури во стакленик и обука за стекнување на вештини за претприемништво односно изработка на бизнис планови, рече Милевски.
Стакленикот има опрема за автоматска регулација на температурата, технологии за прихрана на културата и автоматика за наводнување на база на системот капка по капка.
А.С