Објавената „Основна студија за имплементацијата на Законот за заштита на укажувачите, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и Законот за постапување по претставки и предлози на локално ниво во Република Северна Македонија“ од Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ нуди препораки како начини и средства со кои може да се влијае на подобрувањето на доследната примена на овие законски решенија. Фокусот е насочен во три области-анонимното пријавување на неправилности, јавното објавување на претставките и поопширната употреба на електронски образсци и комуникација на граѓаните со институциите.
Со примена на овие препораки од Институтот, во студијата се потенцира целта-подобра транспарентност на институциите на локално ниво кога се во прашање законите кои содржат алатки за транспарентност и отчетност на работењето на јавните правни субјекти. Се смета дека потребата и можноста за имплементитање не препораките се со оглед дека се работи за законски прописи кои содржат важни алатки со кои се овозможува на физичките и правните лица, да пријавуваат незаконско, недозволено или неетичко однесување на институциите на национално и локално ниво или да обезбедат (добијат) соодветни информации од работењето на институциите кои имаат јавни овластувања.
Според препораките посебно важно за подобра примена на законот за слободен пристап до информации е поефикасната електронска комуникација, односно пријавување по пат на соодветни обрасци. Кај Законот за слободен пристап до информации, што е граѓанска алатка за добивање на информации, се смета дека е потребно овозможување на електронско поднесување на „Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, преку посебен електронски образец на интернет-страницата на имателот на информациите од јавен карактер. Оваа препорака можат да ја применат повеќе локалните самоуправи во тетовскиот регион кои досега немаат поставено можност преку пополнување образец да овозможат барање согласно законот за слободен пристап до информации и на тој начин да ја обезбедат потребната информација.
„Препораките за овој закон посочуваат предвидување на посебни прекршочни одредби и за функционерот или раководното лице за ситуациите кога неосновано ќе се одбие да се постапи по барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, по примерот на претходниот закон (член 39 од претходниот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер), се вели во студијата.
Можноста за анонимно пријавување особено се потенцира во насока на зајакнување на законот за заштита на укажувачи, а се смета дека со тоа ќе се влијае на подобрување на доследната примена на ова законско решение.
„Создавање на можности и капацитети кои ќе овозможат и охрабрат анонимно пријавување согласно со членовите 3 став (1) и 5 став (4) од Законот. Во таа смисла, треба да се подготват и посебни упатства со кои лицето кое прима пријави, ќе внимава да не се објават податоците кои можат да го откријат идентитетот на укажувачот (пример: иако се работи за анонимно пријавување, но ако во пријавата е наведено дека пријавувачот како сметководител, пријавил незаконско дејствие, а во институцијата има само еден сметководител, јасно ќе биде кој е пријавувачот). Предвидување на можност пријавите од укажувачи да може да бидат поднесени и преку електронски пат преку создавање на електронски образец за секоја институција“ се наведува во препораките на студијата.
Според истражувањето, се смета дека зајакнувањето на капацитетите на поголемите правни лица како што се локалните самоуправи е назначување на посебно службено лице за прием на пријави.
„Тоа лице може да се поврзе со минимум број вработени, или минимум промет или слично. Во спротивно, доколку овластено лице за прием на пријави е раководното лице, некои од пријавувачите може да бидат обесхрабрени да поднесат пријави, поради хиерархиската положба на раководното лице. Поради тоа, со соодветна законска измена, може да се бара поголемите правни лица, задолжително да назначат службено лице за постапување по пријави од укажувачите кое е различно од раководното лице. Предвидување на посебни заштитни мерки за лицето кое постапува по пријави од укажувач“, се потенцира во студијата.
Нема локална самоуправа во тетовскиот регион која јавно ги објавува на својата интернет страница забелешките и идеите на граѓаните според Законот за постапување по претставки и предлози. Препораката на студијата особено за оние кои сакаат анонимно да ги достават своите мислења и ставови за работата на тетовските локални самоуправи, а целта е поскоро добивање на одговор од општината.
„Да се предвиди и посебна процедура за јавно објавување на одговорите по однос на претставките и предлозите. Обврската за јавно објавување да биде особено задолжителна за претставки поднесени во анонимна форма. Во спротивност, подносителот нема да биде запознаен со одговорот по претставката која може да биде заборавена во фиока. Да се предвидат посебни заштитни механизми за службените лица кои постапуваат по претставки или предлози. Ваквите механизми би се однесувале на заштита на работното место. Имено, овие лица се изложени на евентуални притисоци, од раководните лица, па на овој начин би се обезбедила и нивна заштита, се посочува во студијата.
Понатаму за олеснување на комуникацијата на граѓаните со единиците на локалните самоуправи да се предвиди можноста за постапување и по претставки и предлози добиени по електронски пат, преку електронски обрасци, достапни на интернет-страниците на институциите, без да се бара поседување на електронски потпис. Се препорачува да се преиспита одредбата од членот 8 од Законот во смисла дали претставува големо и неоправдано дискреционо овластување според кое органот може да одбие да постапува по анонимна претставка.
Со оглед на фактот дека Законот промовира граѓанска контрола над институциите, посоодветно е кога и контролата над спроведувањето на законот би ја имала независна институција.
„Тоа би значело предвидување на контролна надлежност во корист на Народниот правобранител или пак Државната комисија за спречување на корупција, наведуваат авторите.
Во студијата се потенцира дека посоти генерална неинформираност на граѓаните и институциите за можностите кои ги нуди постојното законодавство во поглед на подобрувањето на транспарентноста и отвореноста вклучително и на локално ниво. Оттаму за самите правни субјекти се препорачува интегрирање на дел од анализираните прописи во еден законски текст.
„Ова особено би се однесувало на различните механизми, процедури и алатки содржани во Законот за заштита на укажувачите и Законот за постапување по претставки и предлози. Притоа треба да се земат предвид спецификите на постапките за постапување по претставки и постапување по заштитено пријавување (укажување). Во основа се работи за закони, со иста цел, а тоа е пријавување на незаконско, неетичко и несоодветно однесување на јавните правни субјекти. Интегрирањето на прописите, ќе значи и интегрирање на ресурсите кое ќе доведе до зајакнување на капацитетите. Сметаме дека посоодветно би било едно исто лице да постапува по претставки, по пријави на укажувачи во форматот на заштитено внатрешно пријавување и по барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, се наведува во клучните наоди кои ги нуди студијата.
Согласно со Годишниот извештај од регистарот на вработени во јавниот сектор за 2018 година на Министерството за информатичко општество и администрација на Република Северна Македонија, во јавниот сектор на Република Северна Македонија активни се 1.314 институции, во кои работен однос имаат засновано 132.068 лица.
„Тоа значи дека алатките за транспарентност и отчетност, кои вклучуваат претставки и предлози согласно со Законот за постапување по претставки и предлози, пријави на укажувачи согласно со Законот за заштита на укажувачите и барања за слободен пристап согласно со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, потенцијално може да бидат користени за мониторинг на сите овие 1.314 институции“ потенцираат од Институтот.
Од вкупниот број институции на локално ниво во 2018 година делуваат 792 институции, додека на национално ниво делуваат 522 институции.
Студијата на ИСИЕ e подготвена во рамките на проектот „Поттикнување на граѓанскиот активизам за следење и известување на незаконито постапување на локалната самоуправа“. Истата ќе им биде од корист на граѓанските организации, граѓанските активисти, медиумите, и локалните и национални институции. Студијата е достапна на македонски и албански јазик на интернет страницата www.isie.org.mk. Проектот делумно е поддржан од Американската амбасада.
Александар Самарџиев
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Поттикнување на граѓанскиот активизам за следење и известување на незаконито постапување на локалната самоуправа“