Во рамки на манифестација „Филмска култура – три децении независен македонски филм“- проекции на филмови и концерти со филмска музика ќе се одржуваат во дворот од Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово овие три дена. Вечерва од 20 часот ќе се одржи свечено отворање на програмата, додека проекциите на филмовите се од 20:30 часот.
-Ќе има проекција на краткометражен игран филм „Љубовникот“ од 8 минути како и долгометражниот игран филм „Татко“ кој трае 104 минути. Во 22 часот следува концерт „Филмот може да се слуша“ односно изведба на филмска музика на акустично трио кое ќе изведува филмска музика, а ќе биде наменет за случајните минувачи. Во сабота се предвидена проекции на филмови исто така од 20:30 часот- „Камена градина“ (2018), експериментален документарен филм 13’, „Види ја ти неа“ (2017) , краткометражен игран филм 17’ и „Кобра“ (2018), документарен филм 55’, информираат од Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.
На третиот завршен ден од манифестацијата во недела 22 август во истото време предвидена е проекција на филмовите- „Црвената соба“ (2016), краткометражен игран филм 20’ и „Летачкиот циркус“ (2019) , долгометражен игран филм 115’. „Филмска култура“ се организира во согласност со актуелните протоколи и мерките за спречување на ширење на коронавирусот.
А.С