Пајак службата при Општина Тетово од денеска користи уште едно возило со кое ќе се подигаа неправилно паркираните возила низ градот. Обезбедувањето на второ возило е во корелација со препораките на сообраќајната полиција.
-Слободни и проодни улици за непречен сообраќај на возилата и слободни тротоари за безбедно движење на граѓаните. Ова го овозможуваме благодарение на подновувањето на пајак службата со уште едно ново возило, кое почнува да функционира од денеска.Со заедничка соработка меѓу општината и сообраќајната полиција и ова го реализиравме. Нашата посветеност и работа е да овозможиме поголем ред во сообраќајот во градот, ред во паркирањето и непречено и безбедно движење на пешацит. Воедно, апелираме до сите возачи да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да ги паркираат возилата на соодветно обележаните места, изјави Игор Додевски, директор на ЈП „Градски паркинг“-Тетово.
Во текот на мај до денеска, вкупно пајак службата има подигнато 180 возила, при што дел од нив казната ја платиле на самото место, а останатите платиле повисок износ бидејќи возилото е однесено во кругот на пожарната.
Предлогот од сообраќајната полиција за повеќе пајак-возила беше даден на седницата на Советот во декември 2021, која беше посветена на можните решенија за надминување на сообраќајниот хаос. Во услови кога градот располага со малку булевари и улици потребна е поголема соработка на полицијата и локалната самоуправа во надминување на сообраќајниот метеж, рекоа тогаш сообраќајните полицајци.
-Во членот 7 од Законот за безбедност на патниот сообраќај е утврден дека Општината ја уредува сообраќајната инфраструктура. Сметам дека ние треба да дојдеме до ситуација кога помалку ќе треба казнуваме. Предлог мерки од нашата страна до општината се да се зголеми бројот на „пајак-возила“, да се воведат повеќе еднонасочни улици како и да се зголеми бројот на сообраќајни инспектори кои ќе работат на отстранување на возила кои нелегално извршуваат јавен и такси превоз, посочи во обраќањето командирот Талев.
СВР Тетово бележи 44.592 регистрирани возила само со тетовски регистерски ознаки.
ас