Тетовскиот алпинист Надир Мурсели заедно со други колеги учествувале во ноќна спасувачката акција во Гевгелија за спасување куче заглавено седум дена на карпа, на планина, објави Слободен печат.
Тој се јавил на повикот за помош објавен на социјалните мрежи и заминал за Гевгелија каде успешно го нашле и спасиле кучето заедно со неговиот спортски колега Никола Андоноски, Марија и Сорен од Гевгелија, и Благица Владимировска, девојката која го објавила апелот на социјалните мрежи.
До карпата стасале околу 20. 30 часот, од околу пристапиле горе, над врвот на карпата, со цел Никола да го спушти Надир.
– Спасувањето ноќно време е комплицирано, бара голема претпазливост, а справувањето со ризикот е еднакво поделен на подготвеноста и проценката на целата ситуација. Кога го лоциравме кучето, од под карпата, тоа лаеше, а кога ни требаше најмногу да лае за да слушнеме каде е и за да се спуштиме до него: кучето престана да лае! Во мислите ми дојде само едно: „Немој сега да умреш!“, вели Надир за Слободен печат.